Бизнис
25. October 2018 - 18:41

Анѓушев: Подобра соработка меѓу земјите од регионот за поголем раст во економијата

Доколку воспоставиме подобра соработка меѓу земјите во регионот, ќе соработуваме подобро и со Европската Унија. ЕУ се формираше на економски основи, а нејзини основачи беа земји кои претходно војувале меѓу себе. Учејќи од овој пример, кога историјата била ставена во позадина поради заеднички интереси на земјите и нивните граѓани, земјите од Западен Балкан треба да се фокусираат на иднината и да работат на подобрување на благосостојбата на сопствените граѓани, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од Будва каде учествува на конференцијата „Балканот и ЕУ-петгодишен циклус на Берлинскиот процес“.

На панелот „Економска и европска перспектива на Балканот“, вицепремиерот Анѓушев говорејќи за актуелната ситуација во Македонија рече дека државата работи на креирање добрососедски политики и надминување на сите отворени прашања со соседните држави.

– Во Македонија започна постапка за уставни измени, согласно договорот од Преспа. Среќни сме што дел од опозиционите пратеници ја препознаа историската шанса за земјата и што е обезбедено мнозинство за започнување на уставни измени во Парламентот. Следува дебата за амандманите за уставните измени, а очекуваме до јануари да го заокружиме целиот процес, со уште поголемо мнозинство и силно да чекориме кон ЕУ и НАТО, истакна Анѓушев.

Додаде дека земјите од регионот треба да се фокусираат на зголемување на меѓусебната соработка и да го стават национализмот и минатото зад себе.

– Ние сите градиме модерни и скапи патишта, но нема да направиме ништо ако го скратиме времето на активно патување доколку стоката седи на граници подолго отколку што патува. Земјите од регионот мора да си веруваат едни на други, малку поголема доверба и признавање на сертификати, како и исти олеснети процедури во сите земји во регионот. Доколку успееме да ја зголемиме меѓусебната соработка, тоа е сигнал за сите, па и песимистите во ЕУ, дека ние нема да и тежиме на ЕУ, туку ќе придонесе за уште посилна Унија. Простор за соработка има во сите области, како индвидуални пазари сите ние сме помалку интересни, но како заеднички пазар, сме многу поинтересни за ЕУ, нагласи Анѓушев.

Според него, „Берлинскиот процес“, инициран од неколку земји – членки на ЕУ е корисен од политички и економски аспект и преку оваа иницијатива земјите од регионот се поттикнати повеќе да разговараат меѓу себе, што е особено важно за економијата. – ЕУ, но и нашите стопанственици и граѓани, сакаат да видат посветеност од наша страна во насока на подигнување на меѓусебната соработка, да ја обезбедиме стабилноста и сигурноста на нашите земји. Преку Платформата за инвестиции за Западен Балкан, се обезбедува финансиска поддршка за реализација инфраструктурни проекти, со грантови до 20 проценти од вредноста на проектот, со кои се зголемува исплатливоста на овие проекти и се обезбедува подобра поврзаност, подвлече Анѓушев.

На панелот присуствуваше и премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ кој оцени дека за стабилноста на регионот е многу важно да се завршат започнатите процеси меѓу Македонија и Грција, како и меѓу Косово и Србија за конечно регионот да може многу повеќе да се фокусира на економската соработка.

Конференцијата беше отворена утринава од страна на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и австрискиот канцелар Себастијан Курц. Австрискиот канцелар во говорот на свеченото отворање нагласи дека денес имаме регион, кој храбро чекори напред со реформските процеси и станува кредибилен фактор за цела Европска Унија.

– И честитам на Македонија за историската одлука да продолжи со имплементација на Преспанскиот договор, со што прати сигнал на охрабрување не само за Македонија, туку и за целиот регион, рече Курц на свеченото отворање.