Бизнис
29. јуни 2017 - 15:21

Анѓушев: Поддршка за странските иневеститори зависно од интеракцијата со домашните компании

Странските инвеститори во Македонија биле финансирани со 10 до 50 отсто од државниот Буџет, некои добивале пари и за секое работно место, но нивната соработка со домашните компании била 0 (нула) до 1 процент, соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Во обраќањето на Годишното собрание на Европската бизнис асоцијација, Анѓушев порача дека ваквата пракса ќе се смени. Владата ќе продолжи да ги поддржува странските инвеститори, но зависно од нивната интеракција со македонското стопанство.

- Ако ги растете само странските инвестиции, а не и македонската економија, тој модел не може да биде одржлив на долг рок. Сите странски инвеститори треба да бидат максимално заштитени, да се чувствуваат и да работат комфорно. Сите се добредојдени, но битна е многу интеракцијата меѓу нив и македонското стопанство, подвлече Анѓушев, додавајќи дека критериумите мора да се изедначат и дека ќе биде задоволен ако за време на неговиот мандат соработката меѓу странските инвеститори и домашните фирми достигне најмалку 10 отсто.

Вицепремиерот најави дека за околу еден месец ќе биде објавен комплетен извештај за парите што ги потрошила државата на странските инвеститори во зоните. 

Осврнувајќи се на останатите политики во економската сфера, потенцира дека Владата нема да се меша во бизнисот и да биде работодавач, туку ќе креира поволни деловни услови со цел раст на компаниите и што поголема извозна ориентираност.

- Ќе ги поддржиме сите компании кои ќе бидат извозно ориентирани. Државата нема да се меша во бизнисот, нема да создава политички фирми, да прави нелојална конкуренција, туку ќе креира услови и капитални инвестиции, одржливи на подолг рок: патишта, гасоводна мрежа, далекуводи, инфраструктурно поврзување,... Тоа ќе биде приоритет, само тука Владата ќе биде работодавач и на ниту едно друго место, напомена Анѓушев.

На македонските компании, рече, им се на располагање средствата од ИПА-фондовите во рамки на кои постои значителен корпус мерки што Владата ќе помогне да бидат достапни, за реалните потреби на индустријата, за купување машини, а не за консултантски услуги.

- Наидов на програми според кои од 20 милиони евра, три милиони биле искористени за консултантски услуги. Ќе ја смениме ваквата клима, мора средствата да дојдат до стопанството, истакна Анѓушев според кој многу ИПА средства остануваат неискористени зашто нема издржани проекти. 

Тој укажа и на потребата од ревидирање на невработеноста и на промена на образовниот систем и најави донесување нов закон за енергетика, како и поддршка за инвестирање во обновливи извори на енергија.

Пред присутните на Годишното собрание на Европската бизнис асоцијација се обрати и министерот за финансии Драган Тевдовски кој информира дека интенцијата на Владата ќе биде неселективно враќање на ДДВ, дека промени во даночната сфера ќе има, но постепено, чекор по чекор, и дека се планираат измени на Законот за јавни набавки. 

- Најголема наша задача е да овозможиме капитални инвестиции и развој. Економијата мора да се движи, да се финансира, но паметно, евитно. Апелирам бизнис секторот да гледа инвестициски можности, да почне тркалото поинтензивно да се врти зашто без економска активност од ваша страна, ќе биде проблем да продолжиме, нагласи Тевдовски. 

Во однос на ребалансот, министерот повтори дека ќе се крати на комодитетот на власта и на се што значи, како што рече, дискрециско трошење.

Бизнисмените им поставуваа прашања на Анѓушев и Тевдовски, но изнесуваа и конкретни предлози и сугестии.