Македонија
18. December 2019 - 14:25

Анѓушев: Образованието е еден од клучните фактори за развој на економијата

Образованието е еден од клучните фактори за развој на економијата и може да биде еден од главните лимитирачки фактори за развојот на нашата земја, поради што поскоро треба да се трансформира и да биде во функција на економијата, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во обраќање на конференцијата „Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила“, што се одржа денеска во Скопје.

-За да можеме да ги решиме проблемите треба прво јасно и гласно да ги кажеме. Образованиот систем е еродиран со текот на годините, бидејќи повеќе бил систем сам по себе за да се задоволат потребите на образовните институции и апетитите на одредени факултети или средни училишта отколку што бил во функција на реалната економија. Последните неколку години општеството стана свесно за овој проблем и мислам дека се направија неколку чекори за подобрување на состојбите кои јас ги оценувам за првични. Сметам дека треба да одиме многу побрзо и подинамично во реформите на образованието, рече Анѓушев.

Едно од тие прилогодувања, посочи, е воведување поголем капацитет во средните стручни училишта и дуалното образование.

-Како држава од една страна имаме невработени, а од друга страна имаме потреба во економијата и индустријата која нема кој да ја задоволи, односно дисбаланс на тоа што е понуда на пазарот на трудот и она што е потреба на реалната економија. Дисбалансот е создаден воглавно во образовниот систем зошто во последните 20 години сме продуцирале премногу гимназиски средни училишта и премногу факултети што се непотребни и како држава сме дале акредитации на универзитети кои генерираат кадри кои нема кој да ги апсорбира, потенцира Анѓушев.

Тој предложи средното образование да се потприра на три столба од кои првиот ќе биде гимназиското образовние во кое ќе одат 30 до 40 отсто од средношколците. Вториот средното стручно училиште за кое треба да се смени менталитетот дека е наменето за губитници и третиот дуалното образование кое треба да биде прилагодено на нашите потреби, бидејќи земјава, како што кажа, нема големи индустриски капацитети кои ќе спонзорираат паралелки наменети за нивни потреби. Во иднина, како што нагласи, ќе се вреднува дали некој има компатенции, бидејќи тоа може да го понуди на пазарот на трудот, а не какава диплома има.

Министерот за образвание и наука Арбер Адеми, пак, рече дека не бива стручно образвоание без вклученост на бизнис заедницата зашто кадрите кои се продуцираат од средните стручни училишта се наменети за сотпанството, за пазарот на трудот, за бизнис заедницата и за општеството.

-Само така можеме да дадеме наш придонес кон целокупниот општествен економски напредок на државата. Без вклученост на бизнис заедницата тоа не можеме да го направиме. Среќен сум што во последниот период направивме добро партнерство со бизнис заедницата во смисла на конципирање на реформата поврзана со средното стручно образование, рече Адеми и додаде дека реформата за четиригодишното средно стручно образоване е направена со вклученост на бизнис заедницата во текот на целиот процес.

Заедно, додаде, нотиравме потреби за промени, креиравме план со активности и почнавме тоа да го спроведуваме.

-Денеска имаме целосно реформирано две, три и четири-годишно средно стручно образование во кое се применуваат современи модуларно дизјанирани наставни програми со фокус на практична обука на ученикот, односно учење преку работа кое овозможува најефикасно стекнување на практично применливи вештини затоа што се развиваат директно на работното место во компаниите. Во меѓувреме го прифативме и концептот на дуално образование кое долги години се применува во високоразвиените земји. Тој концепт постепено се шири иако е потребно забрзување на процесот, потенцира Адеми.

Тој ги повика претставниците на бизнис заедницата да покажат уште поголема иницијативност и поголем  ангажман за создавање партнерство со училиштата и за прифаќање на ученици на практична работа на рабтни места, како и за придонес за градењето на компатенциите на учениците. Побара да се вклучат и во дефинирањето на нов модел на финансирање на средните стручни училишта и изнаоѓање на нови дополнителни извори на средства.

Швајцарската амбасадорка во земјава Сибил Сутер Техада рече дека квалитетен систем за стручно образование и наука кој е релевантен за пазарот се базира на цврсто партнерство со приватниот сектор и додаде дека Швајцарија во последните девет години е позната како една од најконкурентните економии, а очигледна причина затоа, кажа, е високообучената работна сила благодарение на добро развиениот систем на стручно образование и обука.

-Во Швајцарија приватниот сектор игра значителна улога во сите фази од стручното образвание и обука што го вклучува подготвувањето на наставните програми, нивната реализација, сертификацијата и финансирањето. Значителна улога играат и коморите и другите стручни здруженија. Тоа не е само обврска, туку партнерство помеѓу државата и приватниот сектор, рече Сутер Техада.

Таа посочи дека нивните согледувања за земјава покажуват оти стручното образование се смета како одговорност на државата, а многу од компаниите сметаат дека образовниот систем треба да им обезбеди добро обучени работници. Како добар пример за соработка на компаниите со државата ги истакна проектот 20 20 20 на ЕВН Македонија и партнерството поддржано од проектот Образование за вработување.

Најави дека и во идниот период ќе продолжи швајцарската поддршка за реформа на стручното образвание и обука во земјава и потенцира дека едноставното пресликување на моделите од други држави без да се земат во предвид контекстуалните  разлики нема да ги покаже очекуваните резултати.

Конференцијата „Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила“ е дел од Проектот за образование за вработување во Македонија, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, што го спроведуваат Хелветас, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија.