Бизнис
5. October 2018 - 14:14

Анѓушев најави пониска цена на чинење на автопатот Охрид – Кичево со заштеда меѓу 70 и сто милиони евра

Со третиот анекс на договорот за изградба на автопатската делница Охрид – Кичево, што е во завршна подготовка ќе бидат дефинитивно разрешени сите дилеми и проблеми околу градежните активности на трасата. Ќе се направи јасна динамика по која ќе се изведуваат градежните активности на патот, како и експропријацијата на имотите на граѓаните.

Тоа денеска го изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“ Зоран Китанов беа на лице место за да извршат увид на текот на градежните работи на автопатот.

Анѓушев истакна дека со тој завршен анекс ќе бидат дефинирани сите технички аспекти на зафатот согласно светските стандарди, вклучително клучките кон сите населени места долж трасата, со приклучување кон регионалните и локалните патишта, како и со финалната изведба на тунелите на трасата, и тоа според постојната геолошка структура.

- Направивме обемни консултации, вклучивме широки технички и финансиски тимови за да бидеме сигурни дека тоа што го правиме и од технички и од финансиски аспект е максимално издржано, рече тој потсетувајќи на проблемите што беа затекнати.

Како пример тој го посочи токму тунелот кај Пресека, каде материјалот, каде е вршено пробивањето условува многу повисока цена за изведба отколку предвиденото.

- Тунелот бил проектиран без геолошки испитувања и како таков имал една вредност. Сето тоа моравме да го усогласиме со кинескиот изведувач. Преку соработка со австриски и американски агенции и компании за патишта, експерти на Градежниот факултет од Скопје, утврдени се конечните цени на чинење на зафатот. Претходно разиката во цената беше над 50 проценти, сега тоа ќе биде сведено на десетина проценти, така што мислам дека на тој начин ќе направиме сериозни заштеди од некои 70 до сто милиони евра, појасни Анѓушев, најавувајќи интензивирање на градежните активности.

Според динамиката, прва готова ќе биде делницата од Охрид до кај селото Врбјани, додека делот кон Кичево ќе следи подоцна поради сложеноста на тој дел од трасата каде се градат надвозници и вијадукти во должина од повеќе од 7,5 километри. Најсложен зафат на тој дел од трасата накај Кичево е вијадуктот во близина на селото Добреноец.

Директорот на „Државни патишта“ Китанов истакна дека сега веќе е јасна сликата за тоа како ќе продолжат градежните активности на терен и, како што нагласи, по многу пониски цени споредено со оние според кои досега се работело.