Бизнис
4. September 2017 - 18:28

Анѓушев: Македонија е отворена за инвестиции од Израел

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев  пред  педесетина претставници на израелски и македонски компании на бизнис форум во Ерусалим ги презентираше мерките кои македонската Влада ќе ги преземе за економски развој на државата, соопшти денеска Кабинетот на вицепремиерот.

- Мерките кои Владата ќе ги имплементира за економски раст на Република Македонија би ги поделил во три столба. Првиот столб се мерките за поддршка на инвеститорите, вториот е изградба на соодветна инфраструктура, со цел подобро поврзување со соседните земји, а третиот столб се реформите во енергетскиот сектор, рече Анѓушев, кој е дел од официјалната владина делагација што престојува во тридневна посета на Државата Израел.

Анѓушев потенцираше дека Владата подготвува нов концепт за привлекување инвеститори, којшто се очекува да биде презентиран во средината на месецов и оти тој ќе обезбеди транспарентност и еднаков третман на странските и домашни инвеститори со што позитивно ќе се влијае на економскиот развој на земјата.

Владата, информира вицепремиерот, ќе обезбеди директна поддршка за нови инвестиции, со добри бизнис планови, извозно ориентирани, компании кои имаат предвидлив развој.

- Освен основен сет на поддршка, кој подразбира ослободување на инвеститорите од даночни и царински давачки за определен период, креираме сет мерки за директна државна помош на инвеститорите, коишто ќе бидат транспарентно објавени и подеднакво ќе важат и за домашните и странските компании. Секој инвеститор ќе биде во можност да добие државна помош во висина до 50 проценти од инвестицијата, а ќе се стимулира отворање  работни места, особено работни места за висоокобразуваниот кадар, којшто сакаме да го задржиме во Република Македонија, а како особено важна ќе се земе во предвид и соработката на странските со домашни компани, појасни Анѓушев.

Тој укажа дека паралелно со процесот на привлекување  нови инвеститори Владата посветено ќе работи и на изградба на современа инфраструктура, со која Македонија подобро ќе се поврзе со соседите, а компаниите ќе го подигнат нивото на конкурентност со што ќе имаат можност побрзо да се развиваат и дополнително да придонесат на економскиот развој на земјата.