Анѓушев и Деспотовски ја посетија „Аквапоника“- микрокомпанија што применува иновации во земјоделството
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска ја посетија компанијата „Аквапоника“, добитник на грант од ФИТР. Проектот на оваа микрокомпанија – „Брендирани млади органски салати“ има за цел да воведе нов иновативен производствен процес кој истовремено овозможува контрола на квалитетот на производот „од нива до полица во продажно место“ и лесна следливост на неговото потекло.
За време на посетата на дел од нивните засадени површинско градинарски култури во село Орешани во близина на Скопје, Анѓушев нагласи дека ова е одличен пример како државата дава поддршка на микро, малите и средните компании, како оваа микрокомпанија која е основана од двајца млади претприемачи, брат и сестра.
-Се почнува од добра идеја, добар план, а со напорна работа и посветеност се постигнува и посакуваниот резултат. Она што го видов тука е дека тие направиле еден издржан и одржлив систем со кој се обезбедува производство во текот на целата година, а не само сезонски. Ова е токму таков пример како добра и едноставна идеја може да резултира во бизнис кој ќе генерира приходи, рече вицепремиерот Анѓушев.
Тој нагласи дека изборот за посета на мала компанија од добитниците на грантови на ФИТР не е случаен, бидејќи, како што рече, поттикнување раст на малите компании е многу важен за развојот на една економија.
Вицепремиерот потсети дека во тек е вториот повик за кофинансирани грантови за стимулирање технолошки развој и иновации на микро, мали и средни компании, за кој се обезбедени 5 милиони евра од ФИТР и Светска банка.
-Искористете ја можноста, аплицирајте. Од разговори со оние компании кои веќе ја искористиле можноста и потпишале договори, дознавме дека поддршката која ја добиле е особено важна за нивните проекти. Финансиската инекција им дава поголема слобода и сигурност во реализација на проектите и значително се убрзува нивната реализација. Владата ќе продолжи да го поддржува стопанството, успехот на компаниите е бенефит за сите, рече Анѓушев.
Оваа компанија е една од 11 проекти поврзани со иновации во земјоделството кои досега добиле финансиска поддршка од ФИТР.
-Овде можеме да го видиме во пракса она што го повторуваме секогаш, дека иновациите се применливи секаде, не само во ИТ-индустријата. Иновациите се практична работа која носи додадена вредност. Во Северна Македонија создадената вредност по ангажирано лице во земјоделието е една третина од европскиот просек, а во однос на Холандија, која е една од најразвиените земји во овој сектор, заостанува десет пати. Нашата цел е да создадеме поголема додадена вредност по работник. Од друга страна, исто така сакаме преку поддршката на вакви проекти да се намали и зависноста од увоз на вакви производи. На пример, Израел земја која е меѓу водечките по инвестиции во иновации во сите сектори е 50 отсто пустинска земја, а задоволува 95 отсто од потребите со домашно локално производство на земјоделски култури, посочи директорот на ФИТР Деспотовски.
Сопствениците на компанијата „Аквапоника“, Милица и Васе Петрушевски, кои по струка се од ИТ-секторот и образование велат дека главната цел им е да ги урнат табуата дека земјоделството е нискодоходовно. Тие нагласија дека со нивниот пристап на развој на производ од „семка до полица“ по само неколку месеци носи резултати, како и дека без поддршка од државата нивниот концепт на развој на домашни брендирани еколошки градинарски производи би бил само идеја.
Вкупниот буџет на проектот кој ќе трае една година е 50.000 евра, од кои 35.000 се од ФИТР, а 15.000 ги вложува компанијата.
„Аквапоника“ е компанија специјализирана за производство и продажба на сертифициран органски зеленчук и негови полупроизводи. Целта и е да развива производи што ќе ги задоволат разновидните потреби на своите потрошувачи, притоа обезбедувајќи и гарантирајќи висок органски квалитет и лесна достапност за потрошувачите. „Аквапоника“ денес обработува околу еден хектар органски и ниви во органска конверзија. Екопроизводите од новата линија веќе се продаваат во поголемите маркети во земјава.
Ново на Сител
-
ДИК: Oбработени 96,37% од гласовите, Силјановска Давковa 351.826 - Пендаровски 174.658
-
ДИК: Oд обработени 90,18% oд гласовите Силјановска Давкова 325.150, Пендаровски 162.062
-
Ковачевски: Знам дека многу наши поддржувачи се разочарани, но сега не е време за откажување
-
ДИК: Oд обработени 87,17% oд гласовите Силјановска Давкова 315.638, Пендаровски 156.406
-
Мицкоски: Победуваме со над 170.000 гласа разлика
-
Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме
-
Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме
-
Димитриевски: Испишуваме историја, се роди 3-тата политичка сила во македонскиот политички блок