Бизнис
16. February 2018 - 20:12

Анѓушев го правда ЕЛЕМ: немало тендер за милионскиот договор за РЕК Битола да не остане без јаглен

Вицепремиерот Анѓушев ја правда ЕЛЕМ  за договорот во 4 очи со битолската компанија Пелистер. По вчерашните реакции во јавноста дека компанијата без тендер склучила милионски договор, тој вели дека поради опасноста РЕК Битола да остане без јаглен и да се загрози целокупниот енергетски сектор во земјава морало да се избере изведувач без оглас.

- Согласно Законот за јавни набавки се направи скратена постапка за набавка на која учествуваа повеќе компании и ја доби „Пелистер“ по повискоа цена од 44 денари по гига џул, но по многу пониска цена од 144 денари по гига џул што претходно биле плаќани - рече Анѓушев, одговарајќи на прашање на прес-конференцијата во Владата.

Договорот којшто е склучен со Пелистер без тендер тежи 2,5 милиони евра. На фирмата за ископ на јаглен ќе и се плаќа 88 денари за гигаџул. Претходно истата услуга Трансмет ја вршела за двојно пониска цена од 44 денари по гигаџул.

Иако ЕЛЕМ ја договориле битолската компанија на една година, вицепремиерот како и државните електрани вели дека нема да трае подолго од три месеци. Распишан е нов тендер за избор на компанија која после овој период ќе ја продолжи работата.