Бизнис
26. January 2019 - 17:08

Анѓушев: 4 компании донеле одлука за инвестирање - Заев: И железни опинци ќе облечам, ама плата од 500 евра ќе има

Четири странски компании потврдиле дека ќе инвестираат во Македонија веднаш по ратификувањето на Преспанскиот договор во Грција, тврди вицепремиерот Анѓушев. Вели дека Владата е во разговори со околу 100 фирми.

Премиерот Заев на трибината во Велес најави дека годинава уште еднаш ќе се покачи минималната плата. Сепак, не се знае колкав ќе биде нејзиниот раст. Уште еднаш вети дека до крајот на мандатот, Просечната плата ќе биде 500 евра.

Од први јули стапува во сила и повратокот на ДДВ. Заев тврди дека со оваа мерка 150 милиони евра годишно ќе се враќаат кај граѓаните.

Анѓушев на своите сограѓани им вети дека со 25 милиони евра ќе се поврзат езерата Младост и Лисиче. Ќе се гради инфраструктура околу езерото Младост, а Велес ќе биде поврзан со магистрала на Штипскиот гасовод.

Од опозицијата велат дека СДСМ две години не направила ништо за македонската економија и животниот стандард на граѓаните. Туку власта се насочила кон распродавање на државните и националните интереси.

Заев вети просечна плата од 500 евра уште пред две години и не го реализира. Просечна плата од 500 евра со СДСМ нема да има, исто како што нема почист воздух. Повратот на 15% на ДДВ Заев го најави уште пред две години и не го реализира, но тоа не го спречува безсрамно пак да го ветува. Заев ги повторува истите лаги кои ги кажуваше пред две години, но сега народот веќе знае дека Заев нема да постигне ништо.