Фудбал
12. October 2020 - 16:12

Ангеловски незадоволен од бодот кај Естонија: Нови петмина фудбалери повикани за дуелот против Грузија

Иако очекувавме полн плен односно три бодови од гостувањето во Естонија, сепак македонските фудбалери од Талин се враќаат само со еден освоен бод, што за селекторот Игор Ангеловски е неприфатливо. 
 
Македонија и Естонија одиграа без победник 3:3 во дуелот од 3.коло во Лигата на Нациите, а селекторот Ангеловски изрази незадоволство од освоениот бод, бидејќи очекувал полн плен, односно победа и освојување на трите бодови. 
 
„Разочаран сум од бодот. Со нашиот квалитет моравме да победиме, но честитки до Естонија која погоди трипати. Играчите беа дел од натреварот со Косово, сакав да им дадам можност, со цел да одморам дел од главните играчи во тимот. Натпреварот со Косово беше многу важен, па затоа им дадов шанса на останатите играчи. Мое е да им понудам игра, а нивно е дали ќе ја искористат. Жалам што примивме три гола, промашивме пенал. Задоволен сум само од последните 30 минути од натпреварот, успеавме да избегмене пораз, ама генерално не сум задоволен. Со оглед на резултатот на Грузија и Ерменија, со победа ќе бевме многу поблиску до првото место во групата. Сепак, има уште три натпревари до крајот и ќе дадеме максимум да стигнеме до првото место“, истакна Ангеловски по натпреварот. 
 
И покрај нецелосниот успех нашата репрезентација е на првата позиција на табелата со пет бодови, колку што има и нашиот следен противник репрезентацијата на Грузијците против која ќе играме веќе во среда (14 октомври) во Скопје. 
 
Селекторот Ангеловски за овој натпревар дополнително во составот повика петмина нови фудбалери (Томе Китановски, Дарко Мицевски, Љупчо Дориев, Агрон Руфати и Енур Тотре). Ова откако на тројцата повредени пред мечот со Естонија, Бејтулаи, Адеми и Тошевски, им се приклучи и Стефан Спировски, односно на претходно суспендираниот Муслиу, сега поради жолти картони и Барди неможе да му се стави на располагање на селекторот.
 
Потсетување дека тоа ќе биде и дуел на двете репрезентации кои во меѓусебна пресметка следниот месец ќе решаваат за пласман на Европскиот првенство догодина.