Фудбал
23. May 2017 - 14:53

Ангеловски: Најважно е играта да биде на потребното ниво

Игор Ангеловски повика 22 фудбалери за претстојниот контролен натпревар со Турција и квалификацискиот со Шпанија. На списокот на селекторот нема играчи од селекцијата до 21 година, кои на 4 јуни ќе ги почнат подготвките за настап на Европското првенсто во Полска.
 
„Повикани се речиси 90 отсто од играчите кои играа на пријателскиот меч со Белорусија, надополнети со фудбалери кои се репрезентативци и за кои сметаме дека се наша блескава иднина и се на возраст на 17 години. Мислиме дека заслужуваат да се најдат во сениорскиот тим за да можат да ја почувствуваат атмосферата“, рече Ангеловски.
 
На спискот на селекторот своето место го најдоа младите Елмаз (Работнички), Рустемовски (Грасхоперс), Атанасов (Академија Пандев) и Чурлинов (Келн), кој е најмладиот дебитант во историјата на македонскиот национален тим.
 
„Ова се фудбалери на кои Македонија треба да смета и да се гордее со нив. Ова се играчи кои во иднина треба да ја носат играта на репрезентацијата, заедно со оние од младата селекција. Тука е и голманот Митов Нилсон, кој имаше доста пехови со повредите“.
 
Отсуството на неколкуте фудбалерите од младата репрезентација ги нарушува плановите на селекторот, но, како што вели, тоа остава можност да приготви некои тактички изненадувања.
 
Иако натпреварот со Шпанија е квалификациски, Ангеловски најпрвин размислува за контролниот меч со Турција, кој исто така ќе се одигра во Скопје.
 
„Турција е една фудбалска велесила, предводена од Фатих Терми, тренер кого исклучително го почитувам. Сите мисли ни се насочени кон тој натпревар и очекувам тоа да биде дополнителен мотив за фудбалерите. Јас кажав дека и на пријателските натпревари ќе инсистираме да играме со квалитетни противници“.
 
„Посакувам да бидеме на нивото од претходните натпревари, очекувам да бидеме храбри. Посакувам да влезат во тие дуели со верба во своите можности и да го дадат најдоброто од себе. Ние не сме репрезентација која може да ѝ се ‘заканува’ на една Шпанија, но исто така не сакам да бидеме репрезентација што ќе излезе на терен во однапред загубен натпревар“, рече селекторот на Македонија.
 
Ангеловски првиот собир го закажа за 30 мај во Скопје, но напомена дека тимот ќе биде комплетен на 3 јуни кога ќе пристигнат и неколкутемина кои сè уште имаат клупски обврски.
 
Контролниот натпревар со Турција ќе се одигра на 5 јуни (19:45 часот), а дуелот со Шпанија е на 11 мај.