Бизнис
27. November 2019 - 13:27

Ангеловска: Поголема продуктивност кај идните генерации, ако од денес интензивно се вложува во човечкиот капитал

Продуктивноста и поголемо искористување на човечкиот капитал ќе имаме во иднина само ако уште од сега, па натаму со години, интензивно се вложува во човечкиот капитал. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на расправата за Буџетот 2020 во Комисија на Собрание. Таа посочи дека во таа насока во Буџетот за 2020 година се предвидени највисоки средства досега за столбовите на човечки капитал, односно образованието, здравството и социјалната грижа – за 168 милиони евра повеќе во однос на 2016 година, а и за 7,2 процента повеќе во однос на годинешниот буџет.

Како што истакна министерката за финансии, со години не се придавало големо значење на вложувањето во столбовите на човечкот капитал. Како резултат на тоа индексот на човечки капитал на Светска банка за земјава е 0,53 или тоа значи дека денешните деца ќе бидат само 53 проценти согласно она што се вложува во нив од аспект на здравство, образование и социјална грижа.

-Средства за образование во 2016 година имало 22 милијарди денари, во Буџет 2020 година за образование има 28,3 милијарди. За 28 проценти се повисоки само инвестициите во образование. Ако сите три столба ги погледнеме по функции имаме предвидено за 168 милиони евра повеќе следната година во споредба со 2016 година. Тоа се инвестиции во човечки капитал кои треба да дадат резултати за да после одреден период , бидејќи имајте на ум дека десетина години не се инвестирало, се подобри продуктивноста на нашите идни генерации, рече Ангеловска.

Како што укажа, отворањето на еден куп универизитети не е показател за доброто образование на младите, како и дека ако ги запишете сите млади на факултет не значи дека сте се справиле со невработеноста.

Со буџетот за 2020 година предвидени се 154 милијарди денари за вложување во образованието, здравството и социјалата, односно за инвестирање во човечки капитал.