Македонија
29. January 2022 - 15:23

Ангелов: Со 500 до 600 илјади евра државата може да ги затвори прашањата поврзани со бранителите од 2001 година

Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов добил поддршка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за нивната Иницијатива за праведно обесштетување на четворица ранети, повредени и трауматизирани бранители од 2001 година, кои со камата го враќаат земениот паричен надоместок на нематеријална штета.

Како што информира Ангелов на денешната прес-конференција в понеделник повторно пред Владата ќе ја претстават нивната инцијатива и доколку таа „не помине на Влада“, најави поднесување на Предлог закон  во Собранието.

– Во текот на оваа недела делегација на Достоинство оствари работна средба со Мицкоски кај кој наидовме на разбирање и недвосмислена директна поддршка за решавање на овој проблем. Свесни дека ова иницијатива повторно може да заглави во владините лавиринти и покрај неспорно позитивната волја на клучните фактори во Владата, ние најавивме и изработка на Предлог-закон за надминување на овој проблем. Законот е во завршна фаза. Од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски добивме уверување и гаранција дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на овој закон, рече Ангелов

Тој нагласи дека вчера имал и телефонски разговор со премиерот Димитар Ковачевски, кој, како што рече, исто така дал неспорна поддршка за оваа иницијатива, која треба да ги помине владините процедури.

– Останува нашето барање за средба со премиерот Ковачевски во следниот период на која што ќе ја разгледаме оваа иницијатива и можност да помине во владина процедура. Но, доколку повторно не успееме да ја поминеме во владина процедура оваа иницијатива за четирите воени инвалиди коишто со законска камата ја враќаат назад на државата земената оштета, ќе ја предложиме во Собранието како Предлог-закон. Се поставува прашање дали да ја внесеме како граѓанска иницијатива со десет илјади потписи или со поддршка на одреден број пратеници, посочи Ангелов.

Тој нагласи дека веќе имаат поддршка од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а како што рече од претходните разговори со пратеници од СДСМ има причини да верувам дека и тие ќе дадат поддршка на оваа иницијатива доколку влезе во Собранието.

– Ние сепак ќе разговараме со претседателот на СДСМ, но ги повикуваме и претседателите на сите помали партии коишто се дел од Собранието да направиме една заедничка средба на која што ќе ја образложиме оваа иницијатива и доколку не помине во владина да влезе во собраниска процедура. Ги повикуваме сите политички партии и од македонскиот, но и од албанскиот политички блок во македонското Собрание, потенцира Ангелов.

Покрај оваа инцијатива, додаде тој, Достоинство изработи уште една иницијатива која што исто така беше пуштена во владина процедура, но не наиде на некој почетен успех, бидејќи во неа се работи за праведно обесштетување на 17 семејства на загинати бранители и на 30 воени инвалиди, коишто за жал до ден денес се уште се необесштетени.

– За првата иницијатива за оштетата која што ја враќаат четирите воени инвалиди имавме отворена поддршка и од факторите на ДУИ во Владата, додека за втората иницијатива со нив немаме разговарано, поради што бараме средба со сите политички фактори коишто го чинат македонското Собрание, да ги разгледаме овие две иницијативи, рече Ангелов.

Тој потсети дека Владата веќе со по 70 илјади евра го обесштети семејствата на загинатите полицајци во акцијата на кумановско Диво Насеље и со достоинствен надоместок сите ранети во акцијата.

– На тој начин ги стави во нерамноправна положба оние бранители, односно семејствата на оние бранители коишто загинаа во крвавата 2001 година. Кога веќе државата исплатила поголем дел од воените инвалиди и поголем дел од семејствата на загинати не треба да ги оставиме во нерамноправна положба оние семејства на загинати и оние воени инвалиди кои до ден денес не се исплатени, нагласи Ангелов.

Тој посочи дека со сума од 500 до 600 илјади евра државата, како што рече, конечно ќе може да ги затвори прашањата поврзани со воените инвалиди и семејствата на загинатите од 2001 година.