Македонија
1. јуни 2021 - 15:54

Ангелов се сретна со претставници на Институтот за одбрана и меѓународни правни студии од САД

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, денеска имаше работна средба со претставници од Институтот за одбрана и меѓународни правни студии од САД, како континуитет на долгогодишната плодна заедничка соработка во областа на кризниот менаџмент и одбраната.

Како што се наведува во соопштението од ЦУК, Ангелов, изразувајќи голема благодарност за поддршката што ја добива ЦУК и нашата земја од САД, се осврна на потребите од експертска соработка токму во идно реформирање на делови и институции од Системот за управување со кризи, согласно стратешките современи искуства какви што се американските, а сепак адаптирани за нашата држава. Таа соработка претпочита и вклучување на кадри од ЦУК во програмите за обука организирани од страна на Институтот за одбрана и меѓународни правни студии од САД коишто содржат курсеви и семинари од областа на управување со кризи.

Покрај претставниците на американскиот Институт, на работната средба беа и учествуваа во дискусијата и претставници од Канцеларијата за одбранбена соработка од Амбасадата на САД во РСМ и претставник од канцеларијата на Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. Од страна на ЦУК учествуваа претставници на Секторот за меѓународна соработка и од Секторот за административна поддршка на директорот, се посочува во соопштението.