Македонија
7. April 2021 - 16:16

Ангелов: Не сум дезертер и не се повлекувам од борба

Комисијата на Центарот за управуање со кризи работи на расветлување на случајот со извлекувањето од кратовско Емирица и укажа на слабостите на целиот систем. Ги бараме пропустите и бараме одговорност, со цел да го отстраниме и да не се повторуваат во иднина, изјави на денешната прес-конфернеција претседателот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Доколу се утврди вина кај некој од учесниците во целата постапка, Ангелов најави, покренување на дисциплинска постапка.

– Од Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување. Тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде покрената дисциплинска постапка, изјави Ангелов.

За целосно расветлување на настанот, Ангелов рече дека одговорноста ќе ја бара и треба да се слушнат сите страни, за што веќе поднеле официјални барања до Министерството за здравство, МВР и Министерството за локална самоуправа.

Од Министерството за здравство, Ангелов рече дека бараат да одговори што предвидуваат нивните протоколи во ваква или слична ситуација и дали членовите на лекарската екипа од брзата помош имале комуникација со ЦУК и што им било одговорено.

Од Министерството за локална самоуправа, според него, дека бараат одговор зошто од институциите од локална власт не било испратено теренско возило и дополнителни сили за помош, како и зошто градоначалникот на побарал ангажман на републичките сили за Заштита и спасување и не се ангажирани силите и ресурсите на Територијалната противпожарна единица во Кратово.

Од МВР, рече Ангелов, бараме одговор зошто од полициските службеници не било обезбедено теренско возило и не бил побаран хеликоптер, како и детален извештај од разговорот на лекарската екипа и полициските службеници.

– Од оние информации кои се досега достапни, од страна на кратовската полиција е испратена понуда до екипата на Брзата помош да бидат пратени неколку млади полицајци, кои би помогнале во извлекувањето на болното лице, за жал сега починато, но истите биле одбиени, рече Ангелов.

Оставката, според Ангелов, во оваа фаза е еден вид дезертерство и затоа останува на функцијата, со цел целосна реформа на системот за управување со кризи.

– Директор сум четири месеци. Средувањето на состојбата во ЦУК и целиот систем ќе биде долготраен и сложен процес, за кој треба уште време. Не сум дезертер и не се повлекувам од борба. Останувам посветено да го завршам она, поради кое дојдов овде – целосна реформа на системот за управување со кризи, рече Ангелов.

Тој нагласи дека има мандат од Владата и доколку биде побарана одговорност од него, ќе ја прифати.