Македонија
21. September 2016 - 19:41

Ангелов: Мерките за градење доверба покажуваат дека односите меѓу Македонија и Грција се на вистинската патека

Интензивната комуникација и мерките за градење доверба покажуваат дека Македонија и Грција може да соработуваат и покрај спорот за името, изјави македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов на приемот во амбасадата во Атина организиран по повод 25 години независност и 72 години државност на Македонија.

,,Комуникацијата и интензитетот на комуникацијата, па би рекол и квалитетот на таа комуникација навистина е зголемен и подобрен во овој двегодишен период. Мислам дека е преурането да очекуваме конкретни политички исходи од тоа, во смисла на прашањето кое што не оптоварува, односно ја оптоварува Грција во врска со нас, а со тоа се блокираат нашите интегративни процеси, но во делот на практичната, оперативна соработка, мислам дека стигнуваме во оној период каде што многу наскоро ќе можеме да претставиме и конкретни ефекти, резултати од таа комункација’’, изјави Ангелов.

Преку мерките за градење доверба, двете земји се обидуваат да надоместат повеќе од 20 години отсуство меѓуресорска соработка поради спорот за името.

,,Сега постои свесност од двете страни дека тоа се две теми или области кои што можат да одат паралелно, или ако постои можност едната да оди побрзо, односно да се дефинира и олесни ресорната соработка во повеќе области, од енергетика до образование, култура, транспорт’’, изјави Ангелов.

Политичката криза во изминатите две години не остава простор за решавање на спорот за името, а Ангелов смета дека е неопходно да постои политички капитал и состојба која што дозволува надминување на тие проблемот.

Инаку за разлика од одбележувањето на националниот празник на Грција, во амбасадата во Скопје, каде грчките дипломати се почестени од присуството и на државниот врв, на приемот во македонската амбасада, освен дипломатскиот кор и претставници на грчкото МНР, на кабинетот на премиер и на шефот на државата, највисок гостин беше градоначалникот на грчката општина Маратон, Илиас Псинакис. Псинакис, инаку познат менаџер во шоу-бизнисот минатата година го одликува амбасадорот Ангелов со почесниот орден „Амбасадор на Маратон“, кој се доделува на поединци кои даваат придонес за меѓународната соработка на Грција.