Македонија
10. December 2021 - 18:19

Ангел Димитров: Имавме неплодна средба на Комисијата за историски прашања

Претседателот на бугарскиот тим од Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Македонија, Ангел Димитров, денеска на брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи изјави дека дводневната средба на Комисијата завршила без резултати.

Тој, како што јави дописникот на МИА од Софија, информира дека членовите на Комисијата на средбата успеале да го усогласат записникот од 12. состанок што се одржа на почетокот на 2021 година, во што, според него, има симболика.

На денешната, како што оцени Димитров, „неплодна средба“ историчарите зборувале за цар Самуил, посочувајќи дека се уште „се заглавени во 10. и 11. век“. Димитров додаде дека стравува оти работата на Комисијата ќе биде тешка и во текот на следната година.

– Кога не сакате да ја прифатите основна формулација на Договорот за пријателство и добрососедство, а тоа е заедничка историја, значи дека се сомневате во примената на тој договор, изјави Димитров.

Според него, за да заживее Договорот, ќе мора да се преземат чекори на сите полиња на соработка, а Мешовитата комисија, како што посочи, е само едно од нив.

Димитров информира дека следната 17. средба на Комисијата е закажана за февруари 2022 година, како и дека во текот на следната година треба да се одржат вкупно пет состаноци.

Претходно, нашето МНР информира дека и по завршувањето на дводневната 16. редовна средба на Заедничката мултидсциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања што се одржа во онлајн формат, остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари.

Како што наведоа од МНР, во текот на двата дена членовите на Комисијата повторно дискутирале по забелешките за учебниците по историја, при што биле соочени концептот на мултиперспективност, наспроти исклучивиот пристап.

– Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап, стои во соопштението од МНР.

Според МНР, вториот ден покажал дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка.

– Во текот на двата дена членовите на Комисијата работеа и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби. Договорен е и датумот за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година, се наведува во соопштението на МНР.