Фудбал
4. March 2019 - 8:48

Анчелоти: Немаше црвен картон, бевме подобри 10 против 10

Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти изрази незадоволство од судењето на натпреварот против Јувентус, загубен со 1:2. Дербито на „Сан Паоло“ понуди многу интересни моменти и драматична разврска, а домаќините имаа сериозни претензии против црвениот картон на голманот Алекс Мерет. И покрај поразот, Анчелоти изјави дека останал фасциниран од доминацијата на Наполи по паузата.

– Многу дискутабилни моменти. Сигурно нашиот голман не го допре Кристијано Роналдо. Разбирам дека тој може да биде санкциониран и поради самиот влез, но судијата мораше да земе во предвид каде оди топката и каде се наоѓа Алан Маркеш. Кристијано немаше како да игра со топката, таа одеше кон корнер. Тоа беше епизодата, која го промени целиот натпревар. Ние направивме само две грешки – поставувањето на ѕидот при прекршокот на Миралем Пјаниќ и тоа дека го испуштивме Емре при корнер за вториот гол, прокоментира Анчелоти по мечот.

И покрај поразот и големото заостанување на табелата, Италијанецот смета дека нема за што да жали во однос на настапите на „небесно-сините“ во текот сезоната.

– Јувентус едноставно е премногу силен и не ни дозволи дури ни да им се доближиме на табелата. Денешното (вчерашното) претставување сепак дава причина за оптимизам. Признавам дека останав изненаден од позитивната реакција во второто полувреме. Кога и двата тима останаа со по 10 луѓе, бевме многу подобри. Тоа покажа колку многу класа има во нашиот тим, смета тренерот на Наполи.