Свет
16. August 2016 - 10:32

Анархисти одговорни за бомбашкиот напад врз Светиот синод на Грчката православна црква

Организацијата „Непоколебливи анархисти“ ја презеде одговорноста за нападот со Молотови коктели, што на 8 август беа фрлени во дворот од седиштето на Светиот синод на Грчката православна црква, информира весникот „Нафтемборики“.

Во соопштението на организацијата се наведува дека нападот бил преземен како одговор на „новиот бран државни репресии“.

Анархистите го образложија нападот „со упадот на властите во три згради во Солун, што се  окупирани од мигранти“.

Од бомбашкиот напад  во дворот на Светиот синод беа оштетени два автомобила. Врз зградата на Синодот немаше материјални штети.

Нападите врз храмови и други религиозни места почнаа од пред извесно време, откако анархистите упаднаа во црква во Солун за време на литургија, а вандалски напади презедоа и на островот Крит и во два црковни храма во Атина.

По нападите, што беа осудени од Владата и политичките партии, свештениците апелираа на неопходноста од заштита на храмовите. Тие подвлекоа дека зградата на Светиот синод нема никаква полициска заштита.