Балкан
26. April 2018 - 10:55

Анархисти го нападнаа Британскиот совет во Атина

Околу 20 членови на анархистичката група Рубикон денеска упаднаа во канцелариите на Британскиот совет во центарот на Атина во знак на протест против војната во Сирија.

Електронското издание на „Катимерини“ јави дека анархистите фрлале летоци низ објектот и извикувале слогани за Сирија.

Групата досега вандализираше повеќе различни цели, како што се државни канцеларии, финансиски агенции, амбасади, медиуми и други бизниси.

Во пост на Интернет, Рубикон соопшти дека извршила упад во знак на протест поради вмешаноста на Велика Британија во неодамнешното бомбардирање на сириските хемиски локации.