Бизнис
10. јуни 2020 - 14:33

Анализата за екстра лесното гориво готова, содржи три мерки што треба да се преземат како сет

Анализата за екстра лесното гориво е во завршна фаза. Се очекува финална проверка и таа да биде објавена, ако е можно и додека трае вонредната состојба. Ова го најави министерката за финансии Нина Ангеловска, денеска на прес-конференција, додавајќи дека ова е прашање што долго време се провлекува и се дискутира, но дека се работи за системско решение кое треба да значи решение на долг рок.

-Ние бараме начини, разгледуваме дали е воопшто законски возможно да се носи ваква одлука во време на вонредна состојба, бидејќи ефектите и анализите се јасни дека на ова прашање треба да се најде решение со оглед на значајноста за животната средина пред се, а потоа секако и за евентуално влијание врз приходната страна  на буџетот, рече министерката.

Таа додаде дека анализата прикажува дека околу 30 проценти од вкупната потрошувачка  е од страна на јавните институции, тоа се училишта, градинки, јавни здравствени установи итн, додека 70 проценти се приватните компании, во кои потрошувачи се и фабрики и млекари  пекари и секако во овој дел имаат удел и бензиските станици.

Министерката вели дека во анализата има лепеза здружена од три мерки што треба да бидат преземани наеднаш како сет.

-Едниот предлог е постепено во рок од 18 месеци покачување за да се остави период за транзиција, другиот предлог е изедначување на квалитетот во исто време со  изедначување на износот на акцизата и во исто време со воведување на механизам за поврат на оние коишто ја користат за крајната употреба, која што е определена.