Македонија
26. July 2020 - 16:41

Анализа: Заразени се 0.5 отсто од граѓаните, битката ја губи секој 19-ти

Според статистичките податоци кои секојдневно ги објавува министерството за здравство од почетокот на пандемијата кон крајот на февруари до денеска 0,5 проценти од населението во Македонија е инфицирано или кај 10.086 граѓани е дијагностициран вирусот. Од оваа бројка 4,5 отсто односно 460 граѓани починале од компликации од Ковид-19. Околу 80 проценти од нив имале коморбидитети односно претходни хронични заболувања, а 5 отсто починале во вонболнички услови.

Во разговор за Сител професорот по епидемиологија Драган Даниловски вели дека секој 19 заразен ја губи битката со вирусот.

-Може ќе речат дека ширам паника, но секој 19 граѓанин починува од вирусот, изјави проф.д-р Драган Даниловски, професор по епидемиологија

Од друга страна ИЈЗ досега регистрираше 5427 оздравени. Во нивниот извештај заклучно со минатата недела од епидемиолошки обработени  4.894 случаи кои се водат како оздравени  809 (16,5%) биле хоспитализирани односно лекувани во болница, додека останатите 4.085 (83,5%) биле на домашно лекување.

Во моментот во Македонија има 4199 активни случаи со Ковид-19.Речиси половината се во Скопје, а ново жариште повторно стана и Штип.

И денешните бројки не влеваат надеж дека скоро ќе се избориме со коронавирусот. Министерот за здравство утрово на официјалната фејсбук страна се пофали дека има тренд на намалување на ширењето на заразата зошто изминатите 4 дена процентот на новозаразени од тестирани беше под 10 отсто, no, dенеска повторно се искачи на 14 проценти односно од направени 1077 тестирања 152 лица имале Ковид-19.

Инаку највисока вирулентност сме имале на 14 јуни. Дури 20.9 проценти од тестираните биле позитивни.