Македонија
30. January 2022 - 21:16

Анализа: Пораките од премиерот Петков - празна реторика или најава за симнување на бугарското вето

Најновите изјави на бугарскиот премиер не значат повлекување од првичниот оптимизам или пак најава за ново вето, сметаат експертите од двете земји. Во констатацијата на Петков дека дозвола за Македонија да ги почне преговорите, не значи и дозвола за влез во ЕУ, аналатичарот Владимиров го препознава само долгиот процес, кој го наметна новата методологија за членство.

„А тоа се новите критериуми кои секој нов кандидат за членство треба да ги помине. Знаеме дека тие се сменија под влијание на Франција и на Холандија, со нив процесот станува посложен и подолг. Претпоставувам дека премиерот Петков мислел токму на тоа. Комплексните и сложени преговори и поглавја кои Македонија треба да ги затвори за да стане 28-ма членка”, вели Владимиров.

Сличен став има и професорката Сиљановска Давкова. Новата методологија овозможува нови блокади, смета пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, која во дневникот на Сител сподели и своја прогноза.

И за директорот на Евротинк, ваквиот став на Петков е јасен сигнал дека Бугарија размислува за кревање на ветото.

Затоа бугарскиот премиер со овие изјави најверојатно сака да ја подготви домашната јавност, смета Николовски.  

„Ова од бугарскиот премиер е своевидна заштита, амортизација на некој гнев кој може да го навлече на себе кога ќе почнат преговорите. Кога тие ќе почнат, нивната победа нема да биде јасна, бидејќи ќе треба да биде постигнат компромис. 15 години се долго време и може многу работи да се сменат. Така што тоа не треба да не загрижува. Мислам дека ова е свртено само кон домашната јавност”, вели Николовски.

Според Николовски, пред нас се долги преговори со Бугарија во кои ќе има многу тактизирање, како што за почеток се прави со прашањето за малцинствата во двете земји.