Aнализа: Најавата на Заев за воведување двојазичност низ цела Македонија има континуитет во СДСМ
Најновата најава на Зоран Заев за воведување двојазичност на целата територија на Република Македонија е континуитет во политиката на СДСМ. Како што самиот Заев смета, на СДСМ не му личи да биде патриотска партија, туку преку тргување со националните прашања да добие симпатии меѓу албанското гласачко тело.
Пред изборите кои не се одржаа пролетва, претставниците на албанската дијаспора отворено кажаа дека во разговорите со СДСМ на маса била ставена и идејата за федерализација на Македонија.
Претставникот на албанската дијаспора, Муса Љамалари, веднаш по средбата со Заев дека нивна најголема заложба е федерализација на Македонија и дека за тоа разговарале и договарале со Заев. Истовремено потенцира дека по средбата, во координација со СДСМ, Албанците и нивните партии започнале да излегуваат на протести, што и се потврди со протестите на радикалното исламско движење Беса и ветераните на УЧК, кои маршираа низ Скопје со албански знамиња.
-Сите знаат дека јас се залагам за федерализација на Македонија, се разбира, тоа не го кријам, имав средба со Заев, му ја искажав поддршката, а гледајте потоа, овие новите албански партии се приклучија на протестите, рече Љамалари.
Дали е ова прашањето кое Заев сакаше да го сокрие зад флоскулата сега му е мајката да бидеме прагматични и да ја редефинираме Македонија , останува да се види.
-Зборував за употребата на албанскиот јазик, не губам јас како граѓанин на Струмица кај што сме 94 посто Македонци. Значи една работа да се знае. Прагмата во Македонија мора да биде следена. Не губам јас ништо како Македонец, ни па граѓанинот на Штип на Скопје кој што е од македонскиот етнички корпус на граѓани. Сега му е мајката, да дефинираме каква земја ќе градиме во иднина. Ќе живееме по табуата?,- рече Заев.
Лидерот на СДСМ не крие дека антимакедонската политика има единствена цел, да им се додвори на албанските гласачи, без разлика што оди на штета на македонските национални интереси.
- Сметам на албанските гласови за СДСМ, за коалицијата предводена од СДСМ, без разлика дали ние ќе имаме коалиција со албански партии или не. Јас сметам на албански гласови во овој процес на избори пред кој што сме исправени и очекувам СДСМ да добие најмногу албански гласови, па после некој друга политичка партија од албанскиот блок и имаме сите причини на светот тоа така да се случи, рече Заев.
Идејата за федерализација ја иницираше главниот медиумски стратег на опозицијата Бранко Героски. Тој неодамна пишуваше дека е време да се разговара за деталите како да се федерализира Македонија споменувајќи кантонални влади, посебни полиции и судови комплетно ставајќи се на страната на албанските радикалисти.
-Имено, тврдам дека прашањето за обликот на уредувањето на заедничката држава не е целосно исцрпено со Охридскиот договор и со Уставот и дека сосема е можно во периодот што претстои идеите за федерално уредување да се наметнат како многу сериозен предизвик за сите. Знам дека ова звучи без малку како ерес, но тоа е поради погрешното мислење дека Охридскиот договор одлучно и темелно го затвора тоа крупно прашање, кое беше актуелно во првата деценија од македонската самостојност и поради кое во почетокот на втората деценија се водеше неколкумесечна валкана војна, пишуваше Героски.
Ваквите ставови на СДСМ беа доразвиени од нивниот стратег Љубомир Фрчковски, кој ја промовирасе визијата за премиер Албанец.
Ваквите ставови на опозициските перјаници одат во насока на изјавата на Заев дадена за Алсат во 2013-та година. дека патриотските политики на СДСМ како коалицирањата за Кичево и Струга со ВМРО-ДПМНЕ, поддршката за Законот за бранителите се покажале неисправни. Од нас луѓето очекуваат да бидеме кохезивен сплотувачки фактор, вели Заев според кого треба да се затвори и прашањето за припадниците на ОНА.
„Како партија неколку пати се обидовме да играме на политики на патриотизмот. Но тоа на нашата партија не ѝ прилега. И тука апсолутно загубивме.Се обидовме да ќариме поени кај граѓаните играјќи на патриотски варијанти , како на пример со Законот за бранителите, Струга, Кичево… тоа на нас, социјалдемократите, не ни личи. Луѓето очекуваат да бидеме за кохезивност, да бидеме сплотувачкиот фактор – изјави Заев.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, во март 2014-та година во јавноста ги објави пораките со кои Заев го моли „заедно да го турнат Груевски“. Во четвртата порака Заев се повикува на „дадени насоки и препораки“ и додава: „Ме подготвуваат и повисоките надвор од Македонија“.
-
Ивона Талевска
Сите содржини од овој новинар