Македонија
24. February 2021 - 21:23

Анализа: Колку е ефикасен актуелниот состав на македонското Собрание?

Ова станува честа слика за работата на македонското Собрание. Веќе трета недела парламентот не одржува пленарна седница. Овој месец освен неколку комисиски расправи народните избраници одржаа јавна расправа за реформата во основното образование, но не донесоа ниту еден закон со мерки поврзани за справување со Ковид пандемијата. Се случи и филибастеринг со над 1.200 амандмани на Законот за лични карти, иако расправа по него не ни почна.

Собраниската статистика „Мојот пратеник“ покажува дека пратениците на власта поради потребата да го обезбедуваат кворумот од околу 70 работни денови на новиот состав во просек доаѓале на околу 60. Дури и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој цели 15 години го минуваше пратреничкиот стаж со две до три доаѓања годишно, изминативе месеци во парламентот се појавил дури 42 пати. Но она, што е забележливо е пратениците на власта, со исклучок на неколкумина, речиси никогаш не говореле ниту на седница ниту на комисија, а не поднесувале ни амандмани.

Бројките кај опозицијата се дека тие поретко доаѓаат на седници, но затоа пак, кога се таму речиси сите говорат, а во просек поднеле по околу 300 амандмани секој од нив. Опозиционерите обвинуваат дека работат во најнефункциналниот пратенички состав досега, а пратениците се само гласачка машинерија на Владата.

Оние од власта велат, во услови на пандемија се работи навистина колку што се може.

Аналитичарите оценуваат дека парламнтот мора да покаже поголема активност.