Македонија
28. October 2021 - 16:47

Анализа: Кој добива, а кој губи од црната кампања?

Скопјани денеска се разбудија со прелепени изборни билборди. Со засилувањето на црната кампања на билбордите на независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, наместо „За модерно Скопје“ пишува „Кмет на Петрич“.

Се повеќе се заострува реториката во пресрет на вториот круг. Владејачката СДСМ со денови ја обвинува Данела Арсовска дека има бугарски пасош. Почнаа и да делат флаери со бугарско удостоверение.

Од друга страна, портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно одржуваат прес-конференции со обвинувања за корупција актуелниот градоначалник Шилегов. Меѓутоа, нападите на лична основа ги префрлија на социјалните мрежи.

И двата табора користат предизборни спотови против своите кандидати. И во нив фокусот е бугарскиот пасош и корупцијата.

Експертите сметаат дека црната кампања е последна алатка која се користи во моменти кога партиите не успеале да ги мотивираат гласачите да излезат на гласање – па се обидуваат да ги демотивираат оние кои би гласале за противкандидатот. Бојан Кордалов вели дека црната кампања која ја користат политичките партии може само да има контраефект на изборите во недела.

-Денеска црната кампања може да влијае да луѓето уште порешително останат дома. Во никој случај да влијае да излезат и да гласаат за вас. И што е уште пострашно, да ја зголеми апатијата, вели Кордалов.

Кордалов смета дека токму поради ваквата кампања во првиот круг на гласање излегоа 160.000 гласачи помалку споредено со минатите локални избори. Вели дека сегашната црна кампања ќе остави трага во иднина.

-Повторно трае неизвеснота, меѓутоа, што е уште пострашно не носи во една долгорочна понатамошна недоверба во изборите и понатамошна апатија. На овие избори за првпат имаме помалку од 1 милион гласачи. Околу 930.000 гласачи. И ако продолжи ова темпо, следните избори ќе имаме се помалку и помалку, вели Кордалов.