Македонија
24. November 2020 - 23:15

Анализа: Дали Уставниот суд може да решава за уставноста на кривичното дело злоупотреба на службената положба?

Иницијативата за преиспитување на делото за функционерите кои согласно актуелниот закон ја злоупотребиле службената положба при јавни набавки, е повторно пред уставните судии. На седница во четврток со помош на експерти ќе одлучуваат дали може да се ублажи или укине казната која сега изнесува најмалку пет години затвор.

Правните експерти сметаат дека наместо пред Уставен, предметот треба да се разгледува во Собранието.

„Кога ќе се направи продлабочена анализа на членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба, ќе се види дека врз основа на дополнителниот став 5, се засилува кривично-правната заштита на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова треба да се решава во парламентот со оценка дека, прво дали предвидувањето на овој став ја постигнал целта со која што е предвиден, или ќе треба да остане врз основа на таа проценка ќе треба да се декриминализира. Но, никако не гледам надлежност на Уставниот суд бидејќи не гледам било каков елемент на противуставност“, вели Стефан Буџаковски, Универзитетски професор.
Иницијативата за преиспитување на уставноста на ставот пет од членот 353 во кривичниот законик е на адвокатот Еленко Миланов. 
Казната затвор за функционери кои потпишале незаконски тендер важи од 2004-та кога првично казната затвор беше предвидено да изнесува четири години.. Подоцна беше заменета со пет години затвор.