Македонија
29. November 2020 - 19:55

Анализа: Дали „патоказот“ може да стане дел од преговарачката рамка?

Ќе се најдат ли тврдите бугарски барања во т.н “Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство” и крие ли опасност за Македонија прифаќањето на ваков документ? Патоказот е еден од трите официјални барања од официјална Софија за отстранување на ветото, но засега не е познато што точно би содржел.

Експертите се согласни дека напредокот кон ЕУ мора да биде вреднуван објективно и без оптоварените билатерални прашања, а Македонија мора да биде крајно внимателна при евентуалното прифаќање на Патоказот кој го бара Бугарија.

На Патоказот може да се гледа како на паралелна рамка за спороведување на Договорот за добрососедство, е ставот на политичкиот аналитичар Петар Арсовски. За ваквиот документ вели дека е последица од еден непотребен спор, кој служи за домашната политичка сцена во Бугарија.

Арсовски смета дека неговата основна цел би била изнудување на побрзи резултати од работата на историската комисија.

Во период кога меѓу двете земји се водат преговори, во јавноста веќе се појавија предупредувања дека со овој документ де факто би биле прифатени бугарските услови.

“Прифаќањето „Патоказ“ на Договорот би значело прифаќање на бугарските барања од Рамковната позиција од октомври минатата година, од кои тие не отстапија ни јота, напротив - ги проширија. Нивната позиција сама по себе е „патоказ“ по нивна мерка, и ако таа стане дел од ЕУ процесот, како што вели министерот, практично доброволно ќе ги ставиме бугарските барања „во ЕУ рамка“, напиша Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Можно прифаќање на ваков документ најави и шефот на дипломатијата Османи. Го нарече додатен механизам за следење на пристапниот процес на Македонија кон Унијата, кој сепак, не би бил дел од официјалната преговарачка рамка.