Македонија
8. July 2019 - 16:12

Анализа: Дали Мицотакис ќе го почитува Договорот од Преспа?

Преспанскиот договор нема да се ревидира, а не треба да се очекува ниту дисконтинуитетет на последните односи меѓу Македонија и Грција откако Киријакос Мицотакис со Неа Демократија ја презема власта во Атина. И покрај тоа што Мицотакис беше најгласниот противник на Спогодбата тој не би ризикувал да отвори големо билатерално прашање кое по децении преговори беше затворено, коментираат македонските политички аналитичари. Според нив, Грција ќе остане поддржувач на македонските евроинтеграции.

Аналитичарите велат дека не може да се очекува личниот однос што го имаа меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и претходниот грчки премиер Алексис Ципрас да се преслика и во односот Заев – Мицотакис, но можни проблеми најавуваат само во делот на меѓуресорските комисии и работни групи.

Мицотакис, според аналитичарите, нема да ја смени политиката и поради тоа што во грчкиот парламент се уште втора сила е Сириза на Ципрас. Дополнително, таму повеќе ја нема радикалната Златна Зора која би му правела јавен притисок на грчкиот премиер во однос на македонското прашање.