Македонија
5. December 2020 - 21:37

Анализа: Дали идентитетските прашања ги заменија историските - има ли основа да продолжи работата на мешовитата комисија?

Треба ли Македонија да се повлече од преговорите со Бугарија по вчерашното фијаско на мешовитата историска и образовна комисија? Аналитичарите поделени. Според Владимир Божиновски, преговорите се беспредметни, според Нано Ружин пак, можеби е време да се бара нов модел за преговори.

Божиновски вели продолжувањето на преговите и правењето отстапки ќе значи нарушување на позициите на Македонија и за некои идни влади. Според него, не смее да се дозволи усвојување на таканаречниот патоказ бидејќи тоа би можело да биде замка за уште побавна интеграција на Македонија во ЕУ.

-На тој начин билатералниот спор се префрла на европско ниво и де факто станува дел од преговарачкиот процес на Македонија. Тоа е нешто што навистина не смееме да си го дозволиме. Навистина е сосема беспредметно и дополнително ги ослабува некои идни македонски позиции со продолжувањето на Заев и на власта да на некој начин и да нудат некои дополнителни отстапки кога веќе е јасно дека Бугарите сакат да го добијат она што им е зацртано уште од Тодор Живков, вели Божиновски.

Ружин, пак со сосема спротивни тези. Вели, балканските политичари тешко наоѓаат заеднички јазик и можеби затоа потребна е меѓународна помош.

-Сметам дека секое повлекување е контрапродуктивно зашто  и оваа Комисија е дел на еден вид дипломатски процес. Можеби треба да се изнајдат одредени други форми. Можеби, олеснувачи или странски експерти кои некои работи од дипломатски, историски и политички аспект ги разбираат многу подобро и имаат одредени мислења и позиции коишто на извесен начин ќе придонесат во еден успешен епилог, вели Ружин.

Ружин го поздрави писмото од бугарските интелектуалци. Вели дека во Бугарија има голем број интелектуалци кои имаат поинакви ставови од официјална Софија. Според него, политичката поврзаност е неопходна бидејќи иако Македонците и Бугарите се поврзани меѓу себе, политичарите од двете држави не се познаваат доволно.