Македонија
17. October 2015 - 17:42

Аналитичарите го оценуваат како скандалозно однесувањето на Заев во Израел

Не стивнуваат реакциите по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дадена при неговата посета на Израел, која предизвика голем дипломатски скандал. Посебно, откако  Министерот за внатрешни работи на Израел Силван Шалом преку соопштени до медиумите, целосно го разобличи лидерот на македонската опозиција, за неговите невистини искажани деновиве во јавноста.

Средбата со Зоран Заев беше кратка и куртоазна. На неа разговараме исклучиво околу потребите за подобрување на односите меѓу Израел и Македонија. На средбата не се разговараше за било какви безбедносни или финансиски прашања, ниту пак за внатрешните работи во Македонија, стои во демантот на Шалом на Шалом кој до медиумите го достави израелскиот амбасадор Дан Орјан.

Универзитетскиот професор Оливер Андонов смета дека дипломатски скандал претставува самата цел, со која Зоран Заев замина во Израел. Според него, тој таму не заминал за да развива меѓудржавни односи, туку  да направи притисок врз највисоките претставници на земјата со цел уривање на владата на Република Македонија по секоја цена.

“Немањето сенз за однесување во меѓународните односи и обидувајќи се да ги уцени израелските државни претставници преку објавувањето на строго доверливи безбедносни информации покажа колку е чувствително однесувањето во меѓудржавните односи по сите прашања. Лично сметам дека ова е повеќе скандал и срам за Заев кој ја отсликува неговата нетактичност и незнаење во однесувањето кон прашања кои се однесуваат на клучни безбедносни прашања и на Македонија и на Израел, а може да имаат импликации кон регионалната безбедност, вели Андонов.

Тој додава дека со ваквиот однос, СДСМ се претставува како несериозна партија, од која Македонија нема никаква корист. 

Лидерот на СДСМ беше во тродневна посета на Израел, каде неофицијално без протокол се сретна со Министерот за Внатрешни работи и претседателот.