Балкан
26. јуни 2018 - 13:09

Анагностопулу: Договорот меѓу Грција и Македонија ќе биде целосно реализиран

Договорот меѓу Грција и Македонија ќе биде целосно реализиран. Со спречувањето за влез на Поранешната југословенска Република Македонија во ЕУ се минира договорот, изјави пратеничката на СИРИЗА во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Атанасиа Анагностопулу. 

- Јас сум сигурна дека договорот ќе биде реализиран, бидејќи верувам, дека двата народа од Грција и ПЈРМ добро сфатија дека овие дваесет години на конфликт, тоа беше конфликт кој немаше многу вистински историски влогови и треба да биде завршен за доброто на двете земји. Мислам и исто така се надевам дека тој ќе биде исполнет до крај од двата народа, вели во интервју за МРТ Анагностопулу.

Таа ги објаснува и причините за противењето на договорот во двете земји.

- Мислам дека има повеќе причини. Првата е дека во нашите балкански земји има национализам, кој што е вкоренет во минатото. Веруваме дека можеме да го промениме минатото реагирајќи против сегашноста и иднината. Втората причина е порастот на национализмот и на ултранационализмот во цела Европа. Тоа се стари, но и нови националистички движења. Треба да се пружи отпор на тие национализми и да се најде демократскиот пат, бидејќи меѓународните односи и односите меѓу земјите се демократски и треба да бидат демократски. Затоа, за мене овој договор е, пред се, демократски договор, а нашите два народа треба да ја покажат на дело демократијата и да ги остават настрана национализмите кои водат до оддалечување на народите и прават земјите да бидат во бескраен конфликт и без никаква иднина, смета грчката пратеничка.

Како добар познавач на историјата таа нагласува дека историјата треба да се учи во континуитет и тогаш ќе се види дека двата народа нема многу нешта кои ги делат. Грчката парламентарка притоа предупредува на опасноста од незапочнување на преговори за членство во ЕУ за Република Македонија.

- Гледаме дека на Балканот, кој секогаш е обвинет за национализми, две балкански земји со голема историска тежина пронајдоа начин и волја да изградат демократски, ненационалситички и нешовинистички мостови меѓу нив. Гледаме на крајот дека Европа сака да ги искористи конфликтите меѓу земјите и да создаде друга нарација за Балканот. Со спречувањето сега ПЈРМ да влезе во ЕУ, се минира договорот меѓу Грција и ПЈРМ, вели грчката пратеничка.

Таа нагласува дека балканските земји треба да бидат членки на ЕУ, бидејќи Балканскиот Полуостров е пред сѐ европски полуостров.

- Историјата, неговата сегашност и иднина е европска. Сите европски земји треба да бидат на висината на предизвикот. Ако ја попречуваат европската иднина на ПЈРМ, Албанија или други земји, ја спречуваат општата европска иднина, бидејќи така национализмите и шовинизмите, кои се сега реалност во Европа ќе бидат потхранувани од ова, изјави Анагностопулу.