Балкан
26. September 2022 - 10:05

Анадолија: Грција префрла оклопни возила на демилитаризираните острови во Егејското Море

Грција го крши меѓународното право и испраќа оклопни возила на егејските острови кои имаат статус на демилитаризирани зони, јави агенцијата Анадолија.    

На фотографиите што ги објавило турското Министерство за одбрана се забележува како десантни бродови на островите Лезбос и Самос доставуваат воени возила донирани од САД. Според информациите кои Анадолија ги добила од безбедносни извори, беспилотни летала на Вооружените сили на Турција, кои изведувале летови во Егејското Море, откриле движење и регистрирале два грчки десантни брода на пат кон Лезбос и Самос. Притоа е откриено дека бродовите на Лезбос, кој има демилитаризиран статус, испорачале 23 тактички оклопни возила, а на Самос 18 тактички оклопни возила.

Станува збор за оклопни возила што САД ги испратиле во пристаништето Александруполис. Безбедносни извори ги опишаа настаните на 18 и 21 септември како најсилен показател дека Грција продолжува да ги вооружува островите во близина на Турција и го крши статусот на демилитаризирани подрачја, наведува Анадолија. Изворите ги оцениле како неприфатливи овие „агресивни акции“ на Грција, која е сојузничка во НАТО, и како спротивни на меѓународното право и духот на сојузништво.