Спорт плус
6. February 2017 - 12:58

АМС: 28 милиони денари за 40 спортски федерации

Откако стапија на сила измените во Законот за игрите на среќа и другите забавни игри кон крајот на минатата година значително се зголеми буџетот на АМС, а со тоа и можноста за дополнително финансирање на работата и активностите на националните спортски федерации.
 
За неполни три месеци на посебна наменска сметка на АМС, од страна на приредувачите на игри на среќа беа трансферирани околу 28 милиони денари, како резултат на новата давачка за обложувалниците и автомат-клубовите во насока на поддршка на македонскиот спорт.
 
Од овие средства, 6,6 милиони денари на почетокот на јануари беа доделени на ракометната федерација на Македонија за целосно покривање на трошоците за настап на сениорската репрезенатција на СП во Франција, како и за организација на квалификацискиот турнир за учество на СП за млади до 21 година во Алжир, чиј домаќин беше Скопје.
 
 
 
Дополнително, со новата распределба на средства, која се случи на редовна седница на Советот за спорт при АМС, кон крајот на јануари беа распределени дополнителни 21,6 милион денари на вкупно 40 спортски федерации, кои навремено и целосно ги доставиле Годишните програми за работа и ги исполнуваат условите за користење на овие средства.
 
 
 
Ова е само прва распределба за оваа година од новите средства за финансирање, а спортските федерации врз основа на навните барања во Годишните програми за работа во најголем дел беа финансирани за организација и реализација на националниот систем на натпревари, за меѓународни настапи, организација на меѓународни натпревари во Република Македонија, уплата на членарини, котизации и сл, за што деновиве ќе бидат потпишани договорите за финансирање.
 
Со оваа распределба дополнително се поддржаа: Ракометната федерација со нови 1,2 милиони денари, Кошаркарската федерација со 1,8 милиони денари, Одбојкарската федерација со 800.000 денари, Кајакарската федерација со 1,2 милиони денари, Тениската федерација со 760.000 денари, Таеквондо федерацијата со 740.000 денари, Карате федерацијата со 1,4 милиони денари, Автомобилистичката федерација за настапот на Игор Стефановски-Иџе на ЕТЦЦ шампионатот со 2,5 милиони денари, Федерацијата на училишен спорт на Македонија со 2 милиони денари и останатите 30-тина федерации со соодветни средства.