Свет
21. May 2019 - 14:51

Американските демократи во спор дали да започнат импичмент за Трамп

Демократите во Конгресот на САД започнаа внатрешна дебата зад затворени врати, за тоа дали да започнат постапка за импичмент на американскиот претседателот Доналд Трамп, но спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, засега одбила таков чекор, јави „Политико“.

Состанокот се одржал во кабинетот на Пелоси. Таа со свои приврзаници стоела наспроти другите потврди демократи во однос на тоа дали Комитетот за правосудство треба во наредните денови да ја иницира постапката за импичмент како пожесток одговор за Трамп.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, иницијативата за импичмент доаѓа откако Белата куќа вчера му забрани на Дон Мекген да сведочи пред Комитетот. Мекген е поранешен адвокатот на Белата куќа и клучна фигура во истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за руската вмешаност во изборите на САД и наводниот заговор на Трамп со Москва.

Тоа што поканите од Претставничкиот дом до Мекген и други лица опфатени со истрагата, имаат законска основа и Белата куќа го попречува извршувањето на правдата во повеќе наврати, е признак дека претседателот врши незаконски постапки и треба да биде отповикан, сметаат демократите, кои се за импичмент на Трамп.

Некои од функционерите кои беа официјално повикани да сведочат, но не се јавија во законските рокови по укажување од Белата куќа, се јавниот обвинител Вилијам Бар и советникот на Трамп, неговиот зет Џаред Кушнер.

Некои експерти посочија на уставна криза во земјата.
 
Пелоси синоќа укажа на победата извојувана од демократите со тоа што Трамп не успеал да го блокира барањето на Претставничкиот дом да негова сметководствена фирма да ги достави на увид документите за паричните трансакции на неговите компании.

Поумерените демократи во Долниот дом на Конгресот, предводени од Пелоси и Џери Надлер, сметат дека импичментот е процедура која може да се одолговлече повеќе од една година и дека Трамп би имал можност да се претстави како жртва пред своето гласачко тело. Тоа од своја страна би ја дефокусирало дебатата за неговите политички неуспеси и победата на демократите на изборите во 2020 година не би била загарантирана, сметаат тие.