Балкан
15. September 2016 - 11:25

Американскиот Сенат го поддржа приклучувањето на Црна Гора во НАТО

Надворешно-политичкиот Одбор на американскиот Сенат силно го поддржа приклучувањето на Црна Гора во НАТО, со уверување дека нејзиното членство во Алијансата ќе биде подршка за поголема интеграција, демократски реформи, трговија, безбедност и стабилност на сите нејзини соседи, со што целиот балкански регион ќе се приближи кон остварување на американската стратешка цел.

На претресот оддржан во тој одбор, сведочеа заменикот помошник на американскиот државен секретар Хојт Брајан Ји и заменикот помошник секретар за одбрана Мајкл Карпентер, се согласија во оценката дека Црна Гора е подготвена да биде членка на НАТО, јави Гласот на Америка.

- Црна Гора покажа дека нејзиниот евроатлантски пат е непоколеблив, порача Ји и истакна дека Црна Гора презела значајни чекори во решавањето на проблемите со корупцијата и организираниот криминал и остварила голем напредок во исполнувањето на НАТО стандардите, преку имплементација на реформи во одбранбениот, разузнавачкиот и безбедносниот сектор.

- Од добивањето на поканата, Црна Гора вложи огромни напори да покаже дека е подготвена да биде продуктивна членка на НАТО, истакна американскиот функционер.

Тој наведе дека Црна Гора во моментов троши 1,68 отсто од бруто домашниот производ на одбрана, дека следната година тоа ќе биде зголемено на 1,72 отсто, а до 2024 година ќе стаса до целта од два отсто од БДП. 

Карпентер наведе дека Црна Гора ја трансформирала својата војска за да биде компатибилна со НАТО, спровела неопходни реформи и искажала солидарност со сојузниците преку учеството во странски мисии и усогласување на надворешната и безбедносна политика со онаа која ја застапува Алијансата.

- Црна Гора како 29-та членка на Алијансата ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и ќе им покаже на останатите земји во регионот кои сакаат членство во НАТО и ЕУ дека се исплати да се спроведуваат тешки, но неопходни реформи. Пристапувањето на Црна Гора во НАТО јасно ќе ја покаже посветеноста на Алијансата за политиката на отворени врати, нагласи Харпентер.

Проширувањето на НАТО со Црна Гора го поддржаа сенаторите од републиканската и Демократската партија, кои присуствуваа на претресот.