Македонија
31. July 2017 - 15:43

Американскиот режисер Роберт Вилсон ќе постави премиера во МНТ

Американскиот режисер Роберт Вилсон, кој е меѓу најголемите имиња на светскиот театар, на сцената на Македонскиот народен театар ќе ја постави светската премиера на драмското дело „Кој е сопственик на светот" од Јордан Плевнеш, соопшти МНТ. Проектот ќе биде меѓународен, а премиерата се планира за сезоната 2018/2019. Претставата ќе има изведби и на повеќе сцени во САД и во Европа. 

- Во реализацијата на овој меѓународен проект ќе учествуваат, покрај сцената на уметничкиот центар на Вилсон - Вотермил, што се наоѓа на Лонг ајленд - Њујорк, и повеќе светски и европски театри. Во Европа, главни партнери на реализацијата на претставата ќе бидат уметничката фондација Национален театар и опера од Монако и Македонскиот народен театар. Меѓу уметничките соработници на Вилсон, покрај шест актери од МНТ, кои ќе бидат одредени на аудиција, ќе учествуваат и композиторот Горан Трајкоски и скулпторот Жарко Башески, соопшти МНТ. 

Во големиот проект, посочува МНТ, ќе бидат вклучени исклучително врвни соработници и уметници, меѓу кои се асистентот на режисерот Ен Кристин Ромен, сценографката Марија Детеста и костимографот Карлос Сото.

Роберт Вилсон со експерименталниот театар го гради неговиот препознатливиот стил како режисер и драматург, кој медиумите го опишуваат како „непрефинетиот авангарден театар" во светот.  Во  својата кариера Вилсон работел како кореограф, изведувач, сликар, скулптор, видеоартист и дизајнер на звук и осветлување.

Познат е по своите соработки со Филип Глас, Хајнер Милер, Вилијам С. Бароуз, Ален Гинзберг, Лу Рид, Том Вејтс, Дејвид Брн, Лори Андерсон, Гевин Бриарс, Руф Вајнрајт, Марина Абрамович, Вилем Дафо, Михаил Баришников, Даррил Пинкни и Лејди Гага.

- За Македонскиот народен театар соработката со овој врвен режисер е од исклучителна важност, и претставува еден од најзначајните проекти во неговото постоење, информира МНТ. 

Славниот американски театарски режисер во септември минатата година  престојуваше во Скопје по повод примањето на титулата Почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА – Скопје.