Балкан
6. July 2019 - 13:31

Американскиот амбасадор во Атина опериран по велосипедска незгода

Амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат денес бил успешно опериран на колкот по несреќата што ја имал со неговиот велосипед во местото Мани на грчкиот полуостров Пелопонез.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА операцијата завршила успешно, а прес аташето на американската амбасада рекол дека Пајат го очекува планот за оздравување и не ги скршил двете нозе, како што објавија дел од медиумите во Грција.

За незгодата, вчера, преку неговиот официјален Твитер профил објави самиот Пајат, кој важи за голем љубител на велосипедизмот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Голема благодарност до персоналот во здравствениот центар „Ареополи” за одличната грижа добиена по мојата неодамнешна велосипедска несреќа во Мани, напиша американскиот амбасадор на Твитер и им се заблагодари и на сите негови грчки пријатели кои му се јавиле да му посакаат побрзо закрепнување.