Свет
27. October 2015 - 9:33

Американски воен брод тргна кон островите од Јужно Кинеско Море што Кина ги присвојува

САД, во  име на начелото на слободна пловидба, планираат денеска да испратат воен брод во близина на вештачките острови кои Кина ги гради во Јужно Кинеско Море, изјави високо позициониран претставник на американското Министерство за одбрана.

Американскиот разурнувач „УСС Ласен“, опремен со наведувачки проектили, ќе им се доближи на островите на помалку од 12 наутички милји, наведува изворот, и покрај ризикот што островите се изградени на подводни гребени во појас широк 12 наутички милји, во спорниот архипелаг Спратли, кој Кина го смета за свои територијални води.

САД не го признаваат тоа посегнување по територија, оценувајќи дека Кина не може да господари во тие стратешки води.

-Ќе делуваме во Јужно Ккинеско Море како и досега и ќе пловиме во меѓународните води кога ние тоа ќе го посакаме, истакна американскиот претставник.

Пекинг со своите азиски соседи води територијален спор во Јужно Кинеско Море. Кина полага право на речиси цело Јужно Кинеско Море и таму изведува големи градежни работи на насипување, забрзувајќи го во последната година претворањето на коралните гребени во пристаништа, полетни патеки и инфраструктурни објекти.

САД и земјите од југоисточна Азија стравуваат дека Кина на тој начин би можела да има надзор врз една од стратешки најважните поморски рути во светот.

Врз архипелагот Спратли, што зафаќа стотина ненаселени островчиња и гребени, право полагаат и Виетнам, Филипини, Малезија и Брунеј.

САД со години наназад се залагаат за „кодекс на добро однесување“ меѓу земјите од регионот и за мирно решавање на територијалниот спор. 

Пекинг денеска го осуди присуството на американскиот воен брод на помалку од 12 наутички милји од вештачките острови, кои Кина ги гради во Јужно Кинеско Море, информираа британските медиуми.

-Разурнувачот „УСС Ласен“ нелегално навлегол во водите околу спорниот архипелаг Спратли, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Тој ја повика американската страна „ под итно да ја поправи својата грешка и да не презема опасни и провокативни активности, кои му се закануваат на суверенитетот и безбедноста на Кина“.