Бизнис
11. April 2017 - 15:14

Американски NYSK ќе произведува масло од канабис во ОХИС, најавени 200 вработувања

Капацитет за производство на масло од канабис за медицински потреби е отворен во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Станува збор за нова странска инвестиција во Република Македонија и тоа на реномираната американска компанија NYSK холдинг ДОЕЛ Скопје.

Вкупната инвестиција во период од пет години ќе биде меѓу три до пет милиони долари. NYSK холдинг веќе инвестирала половина милион евра во реновирање на овој браунфилд објектот од 2.000 метри квадратни. Компанијата веќе вработила 15 лица со полно работно време и со надпросечни примања, со план да вработи 50 до крајот на годината и 200 лица во наредните пет години.

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф во обраќањето пред присутните рече дека гордост му претставува да објави дека зградата во комплексот на ОХИС е целосно реновирана со цел да стане првиот модерен објект со лиценца за медицински канабис во Македонија за одгледување и извоз на масло од медицински канабис во земјите од Европа.

-Само неколку нации во светот имаат законско право да одгледуваат и да извезуваат медицински канабис, а сега Македонија е една од нив и тоа не прави нова дестинација за оваа брзорастечка индустрија, посочи Наумоф.

Основачот на NYSK холдинг, инвестициска групација и извршен партнер Ванчо Толоманоси рече дека канабисот ќе биде медицински спасител за многумина кои се борат со болести како рак или детска епилепсија и се очекува да достигне преку 20 милијарди бруто продажба во ЕУ до 2021 година.

Џон Монтгомери, инвеститор за медицински канабис и експерт во областа истакна дека ќе го испорачаат најквалитетниот медицински канабис на пазарот.

- Ние ќе го зголемиме бројот на работни места и ќе вработуваме македонски работници. Нашите одгледувачи експерти ќе ги обучат нашите вработени тука. По речиси една деценија во оваа индустрија, ние сме многу сигурни во нашата способност да го донесеме најквалитетниот лек во оваа убава земја, рече Монтгомери.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров рече дека денешниот настан е резултат на заложбите на Владата и Министерството за овозможување употреба на канабисот во медицински цели во Република Македонија. Со оваа инвестиција, посочи, ги поставуваме темелите на одгледувањето канабис за медицински цели во РМ.

-Покрај оваа компанија уште неколку други имаат поднесено барања за добивање дозвола за одгледување коноп за медицински цели, а за една од нив постапката е веќе во финална фаза, додаде Тодоров.

На означувањето на почетокот со работа на оваа инвестиција присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој претходно на својот Фејсбук профил напиша дека и во вакви исклучителни услови во кои се наоѓа државата се трудат да обезбедат стимулирање на економијата и отворање нови работни места.

- Нема да се откажеме од нашата борба за секое отворено работно место. Продолжуваме со ветеното и покрај сите опструкции, напади и наметнати кризи со кои се сака да се закочи државата и да се втурне во уште поголема криза. Македонија мора да се врати на патеките на прогресот, мудро и одлучно да продолжи напред. Тоа го сакаат граѓаните и ние за тоа се бориме, напиша Груевски.

Денешната инвестиција ја оцени како успешна приказна во која една фабрика која во минатото било затворена, сега се рестартира.