Свет
16. February 2017 - 18:03

Американски медиуми: Разузнавачките агенции кријат податоци од Трамп

Американските разузнавачки агенции кријат доверливи информации за претседателот на САД, Доналд Трамп во страв дека би можеле да завршат во рацете на Русите, јавуваат американски медиуми. 

- Од 20 јануари работиме под претпоставка дека Кремљ има свои уши внатре во собите за влијание во Белата куќа, изјави висок функционер на Пентагон за „Њујорк обзервер“.

Тој додава дека нема многу работи што Русите не ги знаат во овој момент.

Американската Агенција за национална безбедност (НСА) престана да испраќа посебни извештаи наметени исклучиво за претседателот, додека останатите агенции почнаа со ограничување на податоците кои ги доставуваат, обично не наведувајќи го изворот или начинот на кој дошле до податоците.

Дури и кога целосно би му верувале на претседателот, припадниците на разузнавачките заедници се загрижени поради други личности во неговата администрација, кои имаат врски со Русија.

Разузнавачките служби на сојузниците на САД исто така соопштија дека не сакаат да делат оперативни податоци, кои би можеле да завршат во руски раце.

Трамп во меѓувреме ја нападна разузнавачката заедница, откако на почетокот на неделата побара оставка на советникот за национална безбедност Мајк Флин, вчера на прес-конференција го бранеше Флин и ги обвини агенциите за истекување доверливи податоци, изјавувајќи дека податоците се делат како бонбони.

Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека дека се надева на подобра соработка меѓу разузнавачките агенции на Русија и САД.

Тој додаде дека е мошне важно да се воспостави заедничко дејствување со цел борба против тероризмот.