Македонија
7. February 2017 - 16:42

Американски конгресмен: Македонија да се подели помеѓу Косово и Бугарија

Конгресменот Рохрабакер ја разгорува националистичката реторика, не враќа во минатото, но најмногу од се предизвикува голема вознемиреност. Македонското МНР преку амбсадата во Вашингтон бара став од Стејт Департментот по изјавите на конгресменот за албанската телевизија Вижн плус, во која тој порачува дека Македонија треба да биде поделена помеѓу соседите. Дополнително конгресменот најавува дека на следната седница на комитетот за надворешни работи на претставничкиот дом чиј претседател е токму тој ќе се разгледува прекројувањето на границите на Балканот кој според него треба да донесат мир.

-  Мојот став е дека Македонија не е држава. Жал ми е, но не е држава. Тие се толку поделени што никогаш нема да бидат во можност да одат добро заедно. Затоа Косовците и Албанците во Македонија треба да бидат дел од Косово, додека другиот дел на Македонија треба да стане дел од Бугарија или со било која друга земја за која тие тврдат дека се поврзани. Идејата е дека ние сакаме да ја држиме Македонија во живот, бидејќи некој пред 30 години одлучил дека тоа е конфигурација која треба да произлезе од растурањето на Југославија, но тоа нема да доведе до образложение дека оваа идеја се уште држи. – изјави Дана Рохрабакер

Ставовите за поделба на територијата на денешна Македонија помеѓу соседите стана се почеста тема. Пред конгресменот Дана, со вакво тврдење јавноста на Балканот ја шокираше Тимоти Лес. Како поранешен политички секретар во амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје тој порача дека е време да се прекројат границите на Балканот и да се создадат Голема Албанија, Србија и Хрватска.

- Конгресменот e член на Комитетот за надворешни работи и претседател на Поткомитетот за европски работи. Неговите искажани ставови предизвикуваат голема вознемиреност околу Македонија и во регионот. Истите разгоруваат националистичка реторика во соседството, со што не враќаат во минатото.

Веруваме дека Стејт Департментот соодветнo ќе отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и дека ќе ја афирмира својата политика кон Македонија и Балканот, пишува во реакцијата.

70 годишниот член на претставничкиот дом на САД, кој е дел од конгресот од 89 година доаѓа од редовите на републиканците.