Бизнис
2. October 2015 - 12:41

Американски компании заинтересирани за бизнис во Македонија

Американските бизнисмени се задоволни од поволностите што им ги нуди Македонија на странските инвеститори, а некои од нив се заинтересирани да ја посетат државата и да ги разгледаат можностите за проширување на бизнисот.

Зак Рајли, потпретседател на компанијата „Амфенол“, на бизнис форумот во Хартфорд ја истакна отвореноста и поддршката на македонската Влада за бизнис секторот и најави дека неговата компанија планира проширување на веќе постоечките капацитети во Македонија.

- Имаме капацитети во Македонија кои се склоп од повеќе деловни единици. Планираме значително да се прошириме во следните 12 до 18 месеци за што Владата доста ни помага во делот на обезбедувањето дозволи и пристап, со цел да ги изградиме фабриките побрзо и да одговориме на големите барања за дуплирање и триплирање на капацитетите и да одговориме на барањата на клиентите, нагласи Рајли.

 

Оние бизнисмени кои се уште немаат инвестирано во Македонија истакнаа дека сериозно ќе ја земат предвид државата како потенцијална дестинација за проширување на нивните бизниси за што во следниот период ќе пристапат кон продлабочени истражувања.

- Имаме бизнис за развој на медицинска технологија со производство во Европа и Америка кои ги дистрибуираме во повеќе од 70 земји во светот. Од она што го слушнав денес за можностите за правење бизнис во Македонија, таа ми прерасна во голема точка на мојот радар за натамошни истражувања, како опција и можност за главно седиште и локација за бизнис активности на европскиот пазар, изјави Ентони Вискоглиози, директор на компанијата „Вискоглиози“.

На бизнис форумот на кој присуствува владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски беа презентирани поволностите што Македонија ги обезбедува за реализација на инвестиции, отворање бизнис и нови работни места.

Премиерот Груевски во своето обраќање се осврна на позитивните макроекономски индикатори, како што се ниското и умерено ниво на државен долг, стабилниот курс на националната валута, стапката на инфлација, растот на извозот од технолошко-индустриските развојни зони, кои гарантираат предвидливо опкружување кое е потребно за реализација на долгорочните планови за раст на бизнисите. Тој истакна дека како резултат на владините политики се остварени стапки на раст на бруто домашниот производ што е показател за доброто економско опкружување.

- Минатата година имавме раст на БДП од 3,8 проценти што беше втор најголем раст во Европа. Претходната 2013 година, исто така, бевме втора најдобра земја според растот на БДП во Европа. Во првата половина од оваа година растот изнесуваше 2,9 проценти што е еден од најдобрите пет резултати во Европа и веруваме дека до крајот на годината ќе продолжиме со оваа добра динамика и повторно ќе бидеме помеѓу земјите со најголем раст во Европа, нагласи Груевски.

Говорејќи за напредокот на Македонија на листите за бизнис клима на меѓународните финансиски организации, како што се Светската Банка, Форбс, Прајсватерхаус Куперс, Херитиџ, Груевски рече дека тоа претставува потврда за континуираните заложби за унапредување на деловното опкружување. Ги спомена и погодностите што се нудат во технолошко-индустриските развојни зони и најниските трошоци во Европа за правење бизнис, меѓу кои и најнискиот даночен пакет.

- Персоналниот данок изнесува 10 проценти, данокот на добивка е исто така 10 проценти, а доколку добивката се реинвестира овој данок е 0 проценти. За многу сектори данокот на додадена вредност е намален од 18 на 5 проценти. Континуирано ги намалуваме царинските давачки и сега тие се многу ниски. Исто така, ги намаливме и придонесите за социјално и здравствено осигурување и на тој начин го креиравме најдобриот даночен пакет и за домашните и за странските инвеститори, затоа што се што правиме правиме и за домашните и за странските компании, нагласи Груевски.

Бизнис форумот во Хартфорд во сојузната држава Конектикат се одржува во рамки на посетата на премиерот Никола Груевски на Соединетите Американски Држави.