Свет
14. May 2020 - 8:30

Американски експерт Рик Брајт сведочи во Конгресот за опасноста од ширење на коронавирусот и „најмрачната зима во историјата“

Американскиот врвен експерт д-р Рик Брајт, од федералниот оддел задолжен за здравствени контрамерки за запирање на коронавирусот, денеска ќе сведочи во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.

Брајт, кој до неодамна работеше како заменик министер за здравство и специјалист за развој на вакцини во Управата за биомедицински напредни истражувања (БАРДА), ќе сведочи за неподготвеноста на администрацијата на пандемијата од коронавирус и ќе предупреди дека САД ќе се соочат со „досега незабележана болест и фатални случаи“ доколку не се преземат дополнители мерки, јавија американските медиуми.

-Доколку не спроведеме национален координиран одговор заснован на наука… без јасно планирање и имплементација на мерки, јас и други експерти пресметавме дека во 2020 година ќе настапи најмрачната зима во модерната историја, предупредува Брајт.

Тој денеска ќе сведочи пред подкомитетот за здравство на Комитетот за енергија и комерцијала во Претставничкиот дом.

Сведочењето доаѓа откако тој поднесе жалба како „свиркач“ во независната државна агенција за надзор (ОСЦ) за несоодветните одлуки и пропусти во работењето на високи официјални лица во Министерството за здравство на полетокот на кризата.

Поточно, тој беше сменет од раководната позиција во БАРДА затоа што се противел на нарачки и употреба на неиспробани лекови како хидроксин хлорокин форсирани од претседателот Доналд Трамп за лечење на Ковид-19.