Свет
19. August 2017 - 14:17

Американската сенаторка под истрага на Тајната служба за коментар за Трамп на Фејсбук

Американската  тајна служба ги истражува коментарите на сенаторката од Мисури, демократката Марија Џепел Надал, искажани на Фејсбук, а во кои, наводно, кажала дека се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде убиен, пренесе Си-Ен-Ен.

Нејзините коментари подоцна биле избришани, но не минаа незабележено.

Портпаролката на Тајната служба, Кејти Милхоан, во соопштение наведе дека Канцеларијата на Тајната служба во Сент Луис ги истражува коментарите на Надал, како и дека Тајната служба ги истражува сите закани против претседателот, потпретседателот и другите избрани лица, без разлика дали се директни или индиректни, или во прашање се минливи коментари.

Надал кажа дека не сака било кој да биде убиен, но дека Трамп не треба да биде претседател и дека треба да биде отповикан.

Таа се извини за инцидентот и кажа дека била исфрустрирана од политичката клима што во моментов владее.