Бизнис
7. December 2015 - 14:58

Американската Кап-Кон отвори фабрика во Бунарџик, нови 400 вработувања

Во Технолошко индустриската развојна зона во Бунарџик „Скопје 1“ денеска почна со работа фабриката за производство на инфлатори за воздушни перничиња АРТ Аутомотив Македонија, инвестиција на американската компанија КАП КОН во износ од 18 милиони евра.

Во новата фабрика веќе се отворени 75 работни места, а вкупно инвеститорот планира 400 вработувања.

Компанијата ќе биде извозно ориентирана, а производите примарно ќе бидат наменети за европскиот пазар.

- Листата на големи и мултинационални компании од сетот кои имаат свои фабрики во Македонија од денеска се зголемува и со американскиот инвеститор КАП КОН, рече на свеченоста премиерот Никола Груевски.

Фабриката, посочи, поседува најмодерна опрема и високософистицирани производни линии со што верува дека ќе биде предизвик за сите стручни кадри од Македонија кои ќе се пронајдат во нејзиното работење. - Радува фактот што плановите на инвеститорот не запираат тука и во иднина се планира инвестирање во технички центар на компанијата кој ќе биде дополнителна инженерска поддршка на целиот капацитет, нагласи Груевски, поздравувајќи ја отвореноста на компанијата за соработка со повеќе македонски компании кои би можеле да обезбедуваат материјали за потребите на АРТ Аутомотив Македонија.

Најголема придобивка од отворањето на новата фабрика, посочи, е вниманието што ќе го предизвика кај останатите компании кои се уште размислуваат, се интересираат и ги истражуваат можностите за влез во нашата земја. Новите фабрики се нашиот најголем промотор и се надевам дека примерот на КАП КОН ќе го следат уште многу светски компании, наведе Груевски, истакнувајќи дека во ТИРЗ-овите АРТ Аутомотив Македонија ќе биде сосед со „Вистеон“, „Џонсон мети“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хул“, „Продис“, „Диатек“, а во следниот период и „Монтанте груп“.

Груевски посочи дека можеби за, како што рече, политичкиот опонент овие инвестиции се виртуелни и непостоечки, но дека граѓаните се тие што гледаат, работат и земаат плата од овие фабрики.

-Таквиот тренд на нови инвестиции и отворање нови фабрики во Македонија ќе продолжи и во наредниот период, рече премиерот.

Според него, бројот на нови фабрики од месец во месец е се поголем, а за само една недела се одбележува изградбата или отворањето на четвртата фабрика.

Главниот извршен директор на КАП КОН Али Алхаџ информира дека досега во изградбата на капацитетот се инвестирани 12 милиони евра во машини и опрема.

- Фабриката во Македонија ќе биде нашиот централен фокус на европскиот пазар. Инсталацијата на високософистицирани производни линии во комбинација со талентираниот локален персонал ќе ни овозможи да произведуваме само најквалитетни производи кои ќе бидат испорачувани до нашите потрошувачи, рече Алхаџ.