Бизнис
16. July 2018 - 19:41

Американска Дура велзе на македонскиот пазар

Почна изградба на нова фабрика во Бунарџик. Се работи за американска инвестиција вредна 18 милиони евра. Фабриката ќе почне со работа на почетокот од летото следната година, а ќе произведува алуминиумски лајсни и покривни носачи наменети за европските производители на автомобили. Според планираното, инвестицијата на компанијата ДУРА Аутомотив Системс во текот на следните 10 години би требало да достигне вредност од 38 милиони евра.

Фабриката ќе се простира на површина од 16.000 м2 и по целосното екипирање би требало да брои околу 500 вработени. Македонија е 15-тата земја на мапата на оваа интернационална компанија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа со соопштение до јавноста. Велат дека изградбата на новата фабрика во економската зона „Бунарџик 2“ се реализира благодарение на создавањето на одличните услови од страна на економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ.

“Првичните контакти на економскиот тим со американската компанија се остварени уште пред повеќе од 5 години. Врз база на претходно извршени анализи побарани се и доставени податоци и поволности до американската компанија за инвестирање во Република Македонија и во континуитет се одржуваше контакти и соработка изминативе години. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа и докажа дека економската политика на странски инвестиции што ја промовираше насекаде во светот се покажа и повеќе од успежна, а резултат на тоа се десетици странски инвестиции и над 170.000 нови работни места во изминативе 12 години.”, стои во соопштението од опозицијата.