Свет
14. August 2019 - 21:40

Американец осуден на доживотен затвор поради убиство на ирачки цивили

Американски федерален суд осуди на доживотен затвор поранешен вработен на американска фирма за обезбедување Блеквотер, за неговата улога во убиството на невооружени цивили во Ирак во 2007 година.

Судијата Ројс Ламберт го осуди на доживотен затвор Никола Слетен, кој од порота беше прогласен за виновен за убиство од прв степен.

Обвинителството го товареше Слетен дека прв пукал за време на масакрот во септември 2007 година, кога во Багдад беа убиени 14 цивили – 10 мажи, две жени и две момчиња.

Одбраната тврдеше дека Слетен и другите членови на Блеквотер отвориле оган откако погрешно процениле дека кон нивниот конвој со голема брзина се приближувал автомобил со потенцијален бомбаш-самоубиец.