Македонија
27. May 2016 - 16:26

Амбасадорот Лалакос заминува во Вашингтон – На негово место Димитрис Јанакакис

Амбасадорот на Грција во Будимпешта Димитрис Јанакакис ќе биде нов прв дипломат на оваа земја во Македонија. 59 годишниот Јанакакис ќе пристигне во Скопје кон средината на следниот месец, а ќе го замени актуелниот амбасадор Харис Лалакос.

Засега освен основните биографски податоци за неговата дипломатска кариера во Јужна Африка, Австрија, Бугарија и Брисел нема интересни детали поврзани со Македонија и неговата нова служба во Скопје.

Интересно е што Хари Лалакос, заминува на амбасадорската функција во Вашингтон по примерот на првиот грчки амбасадор во Македонија, Александрос Маљас. Дипломатски кругови велат дека затоплувањето на односите помеѓу двете земји и мерките за градење доверба придонеле Лалакос да ја добие престижната амбасадорска титула во САД.

Но, Лалакос ќе биде прв дипломат во Вашингтон во време кога грчката пан-американска асоцијација организира широка кампања меѓу грчките иселеници, но и меѓу конгресмените и сенаторите со барање за повлекување на одлуката на американскиот претседател за признавање на Македонија под уставното име.

Интересно е што и Александрос Маљас, чиј агреман извесно време беше оспоруван од Стејт Департментот, во 2006. година стана амбасадор со примарна задача да се обиде да ја поправи штетата од  американското признавање на уставното име на Македонија.

На листата на грчки дипломати кои од Скопје заминале во Вашингтон е и поранешниот конзул во Скопје, Панајотис Јотопулос, во чие време значително се упрости процедурата за издавање визи и кој исто така замина во амбасадата во Вашингтон, како прв секретар.