Македонија
13. April 2016 - 16:18

Амбасадорите бараат средба со Иванов

Претседателот Иванов се уште не одговорил на барањата на амбасадорите на ЕУ и на САД Орав и Бејли за средба на која ќе ја образложи неговата одлука за општо помилување, велат за Сител дипломатски извори.

Во неможност за изворно информирање, амбасадорот Бејли својата реакција ја објави на твитер.

,,Општото  помилување без пропишаниот процес ги штити корумпираните политичари и нивните соработници. Оставете ги СЈО и судовите да си ја завршат работата‘‘, напиша Бејли.

Како дополнение американската амбасада, објави уште еден став на Бејли во кој се вели: ,,Не е постоењето на корупцијата тоа што им се заканува на демократските општества, туку неказнивоста‘‘.

Длабока загриженост за одлуката на Иванов изрази Германија. Владата на Меркел очекува, принципот на владеење на правото да биде почитуван од сите страни и се надева дека состојбата во државата и во општеството правно и политички нема да се заострува понатаму и дека јавната безбедност ќе остане сочувана.

,,Освен тоа, Сојузната влада се надева на брзо разјаснување на правните и политички прашања, кои произлегуваат од најавата на Претседателот на државата. Од особено значење е, Специјалното јавно обвинителство, како што е предвидено со Договорот од Пржино, да може непречено да ја продолжи својата исклучително важна работа за институционално стабилизирање на државниот систем, која многу се цени од голем дел од македонското општество и од меѓународната заедница‘‘, се наведува во соопштението.

Германската влада бара сите партии да ги засилат своите напори за создавање на минимум предуслови за избори, соодветни на европските стандарди.

На твитер својот став го објави и Воутер Пломп, амбасадорот на Холандија, земја претседавач со Европската унија.

,,Одговорноста е клучна за решавање на политичкиот конфликт, и за Пржино и потоа. Неказнивоста не е одговор. На СЈО му е потребна целосна поддршка‘‘, напиша Пломп.