Македонија
2. October 2019 - 18:00

Амбасадата на САД донираше опрема за аудио снимање на постапките во Кривичниот суд

37 годишната скопјанка обвинета за поседување дрога заработи условен затвор од 2 години, казна која ќе се примени ако во следните пет години го повтори кривичното дело. За нејзиното сведочење, завршните зборови и изрекувањето на пресудата, кривичниот суд ќе поседува и аудио снимка. Целиот судски процес се снимаше на новата опрема донирана од амбасадата на САД во земјава. Судењето  го следеше и амбасадорката Мери Брнс. Смета дека опремата за говорно снимање го олеснува водењето на судските расправи.

„Опремата ја зголемува транспрентноста и ефикасноста на рочиштата. Ја зголемува довербата на јавноста во институциите. Судиите, обвинителите и адвокатите ќе може да се фокусираат на тоа што се зборува, наместо да водат белешки. Постоењето аудио запис ја зголемува правичноста и точноста на постапките“, изјави амбасадорката на САД во земјава, Мери Брнс.  

Со донацијата од американската амбасада, 25 судници во кривичниот суд добија микрофони и опрема за снимање. Првиот човек на скопска единица вели дека таквата техниката ќе го замени традиционалното водење на пишан записник.

Говорите од текот на судењето, обвинетата ќе ги добие на аудио ЦД. Тонските снимки се зачувани и во АКМИС системот кој автоматски управува со судските предмети.